четврток, 21. октомври 2021. Вести денес: 42
home Вести

Д-р Цана: Одлуките на Комисијата за заразни болести се повеќе политички отколку професионални

Д-р Цана: Одлуките на Комисијата за заразни болести се повеќе политички отколку професионални

Повеќето мерки кои ги донесе Комисијата за заразни болести беа навистина нелогични и луѓе што малку се разбираат во работите со инфективни болести, гледаат дека тоа се повеќе одлуки кои доаѓаат по некаков политички договор, отколку што се професионални, изјави доктор Фадиљ Цана од Клиниката за инфективни болести во вечерашното гостување на телевизија Алфа.

Тој вели и дека актуелниот бран на епидемијата на ковид-19 во Македонија се влошил поради големиот наплив на иселеници кои дојдоа во земјава во текот на летото, кои потоа, како што е тоа случај во Швајцарија, ги наполниле болниците и во западните земји.

Околу одговорноста за катастрофалниот пожар во Тетово, во кој загинаа 14 луѓе, д-р Цана го повтори својот став дека ако тој бил на местото на министерот Филипче, би поднел оставка по трагедијата.

„Јас да бев министер за здравство и да имаше ваков случај како оној во Тетово каде изгоре модуларната болница, ќе постапев професионално и ќе поднесев неотповиклива оставка, на која не би имало никаков авторитет над мене кој би ме натерал да ја преиначам таа одлука“, рече Цана.

Според него, одговорност треба да сносат и сите надлежни во Клиничката болница во Тетово.

„Сите кои се дел од синџирот на управување треба да поднесат или оставки или да бидат разрешени“, вели Цана.

Локални избори 2021