петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 25
home Вести

Црвенковски без коментар за наводите на Верушевски дека „бомбите“ во 2010 година прво биле носени во СДСМ

Црвенковски без коментар за наводите на Верушевски дека „бомбите“ во 2010 година прво биле носени во СДСМ

Поранешниот лидер на СДСМ и екс претседател на државата Бранко Црвенковски не сака да го коментира сведочењето на Зоран Верушевски дека нелегално прибавените телефонски разговори во 2010 година прво биле носени во тогаш опозициската СДСМ, а екс разузнавачот ги анализирал како надлежен за безбедносна политика, пишува Алфа.

Алфа став побара во кабинетот поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Прашавме како екс претседателот го коментира сведочењето на Верушевски, дали навистина како лидер на опозициската СДСМ ги примил т.н. бомби и колку материјали биле доставени во партијата? Од кабинетот кусо ни одговорија дека Црвенковски останува на својот став да не коментира актуелни теми, вклучително и оваа.

Сепак, се поставува прашањето зошто Црвенковски не се одважи да и објасни на јавноста што точно се случувало во партијата кога тој беше на чело на СДСМ, а во исто време како поранешен шеф на државата ги ужива сите бенефиции кои му ги нудат државата и граѓаните? Ова ги остава отворени сомнежите што знаел Црвенковски и зошто молчел?

Во последното сведочење за предметот на СЈО „Таргет- Тврдина“ екс разузнавачот Верушевски предизвика низа од реакции во јавноста откако во својство на сведок се огради од „бомбите“ и рече дека тие уште во 2010 година биле носени директно во седиштето на опозициската СДСМ. Тој со исказот фрли сенка врз разговорите тврдејќи дека тие после неговото апсење во јануари 2015 биле „страотно модифицирани“.

Исказот на Верушевски не се совпадна со дел од исказите на свиркачите Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски. Лазаревски во неговото сведочење во ноември минатата година рече дека вадењето на материјалите почнало уште во 2010 година, а дека Ѕвонко Костовски ги експортирал кај него и потоа му ги давал на Верушевски. Костовски, пак, на сведочењето во март годинава рече дека заедно со Лазаревски од УБК изнеле помалку од 5 отсто од вкупниот број на нелегално прислушувани материјали и дека му ги дале лично на Зоран Верушевски, кој пак ги предал на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Во меѓувреме поранешниот директор на УБК Горан Митевски за Алфа обелодени дека бомбите му биле нудени и нему.

Еден од тие таргети на Ѓорѓи Лазаревски сум бил и јас, меѓутоа по моето не прифаќање во тој период да ја преземам таа одговорност за материјалите изнесени од УБК, на тоа сигурно се сложил Зоран Верушевски и лично тој ги преземал материјалите од Ѓорѓи Лазаревски и ги пренесувал во политичката партија СДСМ, вели Митевски.
За сведочењето на Верушевски се огласи премиерот Зоран Заев, кој најави дека неговиот советник за национална безбедност, на следното рочиште ќе се дообјаснел, најава, што сама по себе е проблематична затоа што се поставува прашањето како премиерот знае што ќе зборува еден од главните сведоци? И која е всушност вистината?

Коронавирус