сабота, 16. октомври 2021. Вести денес: 46
home Вести

Чулев: МВР ќе постапува неселективно, инцидентот во Ченто е предизвикан од политички побуди

Чулев: МВР ќе постапува неселективно, инцидентот во Ченто е предизвикан од политички побуди

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев изјави дека вчерашниот инцидент во Ченто е тенденциозен и со политичка заднина и дека  се лажни вестите дека приведените тројца биле земени од дома и малтретирани во полициската станица Гази Баба. Нагласи дека МВР постапува неселективно кон сите граѓани, без разлика на политичката припадност доколку се прекршени законските одредби и одлуките на Владата.

-Политичката позадина не го оправдува поведението на вчерашниот настан во Ченто, туку говори за тенденциозно загрозување на здравјето на граѓаните кои живеат во овој дел од градот, а кое е предизвикано, меѓу другото, и од политички побуди, рече Чулев, додавајќи дека граѓаните биле изложени на ризик кој, како што рече, сите може скапо да нè чини.

Соопшти дека околу 21.10 на социјалните мрежи била забележана фотографија на групирани лица на ул. „Алија Авдовиќ“ во Ченто и полицијата со патрола контролирала дали таму се прекршуваат мерките на Владата за почитување на полицискиот час. Кога стигнале таму, имало осум лица и дел од нив се разбегале, а тројца останале на местото и биле лишени и спроведени во ПС Гази Баба за натомошно постапување.

-При лишувањето од слобода, едното лице се пртставило како член на Советот на Опшптина Гази Баба од редовите на СДСМ, со што сакал  да изврши притисок врз полициските службеници со цел да не биде лишен од слобода, рече Чулев.

Извршен бил разговор и изготвен службен материјал и врз основа на тоа поднесени се кривични пријави за кривично дело казниво по член 206 од Кривичниот законик, меѓу кои и за советникот на СДСМ.

Потоа, рече Чулев, околу 22 часот, е добиена информација дека  на местото каде што тие биле приведени е собрана поголема група луѓе чиј мотив била, како што рече,  лажната информација дека тие се физички малтретирани во полициската станица и дека биле лишени од слобода во нивните домови.

– Потенцирам дека двете информации не се точни и тоа е потврдено во исказите што ги дале лицата кои наведуваат дека биле затекнати на улицата „Алија Авдовиќ“ и спроведени во полициската станица, рече Чулев.

Во однос на видеата на социјални мрежи и на веб-портали на кои се гледа и слуша дека градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, дава ветување дека лично ќе ги ослободи и против нив нема да има поднесок, министерот нагласи дека МВР постапува неселективно кон сите граѓани на државата и секаде каде се прекршени законските одредби и одлуките на Владата постапува согласно со законот.

Затоа, рече, против сите тројца се поднесени кривични пријави до Основното јавно обвинителство и дека по сите стандардни процедури во однос на прекршување на забраната за движење и по документирање на случајот, тројцата се ослободени, а потоа групата насобрани граѓани си заминале без полициска интевенција.

За цеосно расчистување на случајот,  МВР презема активности  и е обезеден  видеозапис за да се идентификуваат сите лица кои синоќа го нарушувале јавниот ред  мир и против нив ќе има соодветни кривични пријави.

– А оние кои јавно упатуваат повици за непочитување на движењето, по утврдување на нивниот идентитет ќе бидат поднесени две кривични пријави за две кривични дела – за поттикнување за непочитување на одлуките на Владата и за самото непочитување на одлуките на Владата, истакна Чулев, нагласувајќи дека на дел од лицата веќе е утврден идентитетот.

Апелираше до сите политички субјекти да се воздржат од секакви изјави и постапки со кои ќе се обидат да ги прекршат законите, а истовремено да ги нарушат и меѓучовечките односи, Тоа, рече, е долевање масло на огнот и во онака кревката состојба во која се наоѓа државата и ја отежнува работата на полицијата и не им одат во прилог на граѓаните.

-Без разлика на политичката припадност, ние сме сите сојузници во ова борба и се бориме со заеднички непријател, истакна Чулев, апелирајќи до граѓаните да останат во домовите и да ги почитуваат одлуките на Владата.

МВР претходно соопшти дека синоќа во 22 часот во Полициска станица Гази Баба полицијата ги лишила од слобода  В.М. (19) од Арачиново, С.Р. (21) од село Синѓелиќ и В.В. (30) жител на ул.„Алија Авдовиќ“ во населбата Ченто зашто не ја почитувале забраната за движење, а откако биле приведени, поголема група граѓани излегле на улицата „Алија Авдовиќ“ за да протестираат. (МИА)

Коронавирус