петок, 27. ноември 2020. Вести денес: 158
home Вести

Чулев: Безбедносната ситуација на јужната граница е стабилна

Чулев: Безбедносната ситуација на јужната граница е стабилна

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев заедно со амбасадорите на земјите чии полициски службеници учествуваат во заедничките операции на јужната граница денеска ги посетија граничниот премин Богородица и привремениот транзитен центар Гевгелија.

На средбата со раководството на граничниот премин Богородица министерот Чулев бил запознаен со состојбата со илегалната миграција и статистиката поврзана со криумчарењето мигранти.

– Акцентот беше ставен на соработката со странските полициски службеници кои заедно со нашите полициски службеници се ангажирани во обезбедување на границата и кои даваат голем придонес во справувањето со овие проблеми, соопшти денеска МВР.

Во моментов на нашата јужна граница, заклучно со 01 февруари, има 141 странски полициски службеници распоредени по полициските станици за гранични проверки и граничен надзор Богородица, Стар Дојран и Меџитлија.

При посетата на транзитниот центар Гевгелија, министерот Чулев се запознал со моменталната состојба во која тој се наоѓа, за состојбата со илегалната миграција, како и со начинот на кој функционираат заедничките операции на јужната граница.

– Со сигурност можам да информирам дека безбедносната ситуација на јужната граница е стабилна и се трудиме тој тренд да биде задржан и во иднина. Капацитетите за справување со тековните предизвици, вклучувајќи ги и капацитетите за откривање и спречување, за прифат, за регистрација на откриените илегални мигранти ги задоволуваат моменталните потреби, со оглед на тоа што во изминатиот период исполнетоста на капацитетите на објектите за сместување од затворен и од отворен тип во ниту еден момент не ги надмина сместувачките капацитети, што како констатација се однесува само на моменталните прилики и трендови во регионот. Меѓутоа, секое нагло нарушување на состојбата и појава на ненадеен и брз прилив на голем број на мигранти значително ќе ги оптовари постоечките капацитети за управување со миграциите, истакнал министерот Чулев во своето обраќање.

Во борбата со овој феномен, потенцирал Чулев, покрај нашите полициски службеници, голем придонес дале и полициски службеници од Австрија, Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Словенија, Хрватска и Србија, кои земаат активно учество во заедничките операции на границата, што како проект е продолжен до 31.08.2020 година, односно до операционализација на Договорот со ФРОНТЕКС, благодарение на Европската Унија и ИОМ.

Министерот Чулев упати особена благодарност до сите учесници во проектот, особено на странските полициски службеници, кои располагаат со високо знаење и професионалност во работата кои несебично ги споделуваат со нашите полициски службеници.

Коронавирус