четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 2
home Вести

Чибишев: Одговорните да ги заштитат граѓаните од можноста загадениот воздух дополнително да ја влоши здравствената состојба

Чибишев: Одговорните да ги заштитат граѓаните од можноста загадениот воздух дополнително да ја влоши здравствената состојба

Со почетокот на грејната сезона почнува и атмосферскиот хорор период во големите градови во Македонија. Секојдневно сме сведоци на веќе енормното загадување на амбиенталниот воздух со ПМ честички и останати штетни гасови и пареи од разни хемикалии, пишува на Фејсбук доктор Андон Чибишев.

-ПМ честички исклучително штетно делуваат на горните респираторни патишта намалувајќи ја природната одбрамбена улога на слузокожата и оштетувајќи ги површинските слоеви на органот со што овозможуваат полесно настанување на инфекција која последователно ќе трае подолго и ќе има потешка клиничка слика.

На сето ова ќе се надоврзе и зголемената концентрација на штетни гасови како што се јаглероден моноксид, јаглероден диоксид, сулфур диоксид, сулфур водород, азотни оксиди , кои покрај генералното штетно дејство на белите дробови, срцето и централниот нервен систем , во голема мера го намалуваат приридниот имунитет и во контакт со телесните течности , преку хемиска реакција, создаваат слаби киселини кои дополнително го оштетуваат површинскиот заштитен слој на респираторните патишта и создаваат погоден терен за накалемување, намножување и и развој на разни бактерии и вируси кои можат да предизвикаат сериозни инфекции на горните и долните респираторни патишта.

Сето ова погоре кажано искомбинирано со опасноста од корона инфекција или инфекција со вирусот на сезонски грип може сериозно да ја искомплицира состојбата не само кај хроничните болни туку и кај потполно здрави луѓе кои секојдневно го дишат вака загадениот амбиентален воздух.

Иако е веќе доцна, се надевам дека одговорните ќе преземат мерки да ги заштитат граѓаните од можноста загадувањето на амбиенталниот воздух да биде причина за дополнително влошување и на и онака тешката епидемиолошко-здравствена состојба во Македонија, наведува Чибишев во својата објава.

Најнови вести

Коронавирус