недела, 28. ноември 2021. Вести денес: 0
home Вести

Честитка од Заев по повод Денот на македонската револуционерна борба

Честитка од Заев по повод Денот на македонската револуционерна борба

Премиерот Зоран Заев упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, како што напиша на својата Фејсбук-страница, денот кога во 1893 година беше основана Македонската револуционерна организација.

– Како припадници на денешните генерации, со гордост се сеќаваме на македонските револуционери и на прогресивната интелигенција, собрани околу Македонската револуционерна организација, која ја понесе борбата за вековниот идеал на македонскиот народ, за создавање на сопствена држава – држава на слобода, правда, еднаквост, независност, објави Заев.

Нашата борба, додава премиерот секогаш била само да се биде свој на своето – стремеж за држава на сите и за сите. Храброста и одлучноста на сите на кои денес им оддаваме почит имаше своја прва кулминација со Илинденското востание со што беше поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност, а нивната саможртва одекна надалеку меѓу народите во слободољубивиот свет.

– Континуитетот на македонската револуционерна борба не стивна и растеше сѐ до АСНОМ 1944 година, кога беше создадена македонската држава. Денес, во годината кога одбележуваме 80 години од народното востание и 30 години од независноста, со цивилизациското наследство кое ни го остави македонската револуционерна борба, ги отфрламе политиките на поделбите и водени од желба за подобар живот и благосостојба, ги повикуваме сите чесни и добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност, да се обединиме околу создавањето на едно прогресивно и праведно општество за сите, напиша Заев.

Како што борбата на македонските револуционери секогаш беше свртена кон иднината, додава тој во својата објава, така и денес ја водиме нашата суверена држава во сегашност и иднина во силен сојуз со демократскиот и прогресивен свет потврден со членството во НАТО и со одлучни чекори за членство во Европската Унија.

-Нека е честит Денот на македонската револуционерна борба!, истакна Заев.

Коронавирус