петок, 7. мај 2021. Вести денес: 149
home Вести

Честитка од Иванов по повод Свети Сава: Српската заедница била и ќе биде неотуѓив дел од Република Македонија

Честитка од Иванов по повод Свети Сава: Српската заедница била и ќе биде неотуѓив дел од Република Македонија

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија, по повод празникот Свети Сава.

-Почитувани сограѓани, Ми претставува задоволство на сите припадници на српската заедница во Република Македонија да им го честитам големиот празник Свети Сава и да им посакам здравје, радост, мир и благосостојба.

Преку празнувањето на денешниот ден, 27 јануари – Денот на првиот српски архиепископ, просветител и духовник св. Сава, ние ги потврдуваме нашите заложби за меѓусебно зближување и почитување.

Српската заедница била и ќе биде неотуѓив дел од Република Македонија. Со својот јазик, култура и традиција, припадниците на српската заедница ја збогатуваат различноста на македонското мултиетничко општество. Со своите индивидуални успеси и ангажмани, пак, припадниците на српската заедница придонесуваат за унапредување на културниот, економскиот и политичкиот живот во земјава. Одговорност на нашата заедничка држава, Република Македонија, е да го почитува и негува единството на оваа различност бидејќи тоа е изворот на нашата сила и тајната на нашето опстојување.

Српската заедница во Република Македонија, како и македонската заедница во Република Србија, имаат и незаменлива улога на мост на поврзување меѓу двете соседни пријателски држави. Како одговорни граѓани на своите држави, но и доследни припадници на своите народи, двете заедници даваат пример како треба да се гради доверба меѓу балканските држави. Затоа сите ние треба активно да учествуваме во зајакнувањето на општествената кохезија и во градењето на просперитетна иднина за сегашните и идните генерации. Нека е честит големиот празник, стои во честитката од Иванов.

Коронавирус