сабота, 5. декември 2020. Вести денес: 104
home Вести

Чакаровски: Машиновозачите не отстапуваат од барањето, продолжува блокадата

Чакаровски: Машиновозачите не отстапуваат од барањето, продолжува блокадата

На машиновозачите, кои четврти ден го блокираат железничкиот транспорт во државава, раководството им дели писмени предупредувања за прекин на договорите за работа поради одвивање на извршување на работните обврски, изјави за МИА Душко Чакаровски, претставник на машиновозчите.

Чакаровски вели дека остануваат на поставеното барање да им се исплаќа надомест за квалитет во износ од 40 проценти и продолжува блокдата и покрај денешниот апел од ресорниот министер Горан Сугарески да се вразумат и да се вратат на работа.

– На машиновозачите кои ја бојкотираат работата им се вршат притисоци по 18 часот од страна на членови на Управниот одбор и им се делат писмени предупредувања. Ќе почекаме на сите да ни поделат, па ќе видиме што понатаму. Од сите машиновозачи работат само десет машиновозачи, ако сметаат дека можат со 10 да работат нека работат. Воедно ангажираат и нестручни лица, односно контролор на кондуктери работат понатаму, рече Чакаровски.

Наспроти изјавата на Сугарески дека Владата нема да трпи уцени Чакаровски вели дека тој гледа уцени од таа страна, откако министерот  рече дека е отворен за разговори и за колективен договор и за систематизација…, но оти паралелно мора да се одвива работата.

Чакаровски рече дека иако барале средба со министерот досега нема никаква покана, и оти денеска испратиле барање за средба и со генералниот директор Орхан Муртезани.

Министерот за транспорт денеска апелираше машиновозачите да го прекинат, како што рече, незаконскиот штрајк и повтори дека се што било побарано изминатиот период и за помош на Железницата и за вработените е направено, редовно се исплаќаат плати и е зголемен надоместот за квалитет од 20 на 30 проценти, укинати се и други антикризни мерки…

Штетата од блокадата на железничкиот сообраќај, што почна пред четири дена досега изнесува девет милиони денари, а другите држави сериозно размислуваат да го пренасочат сообраќајот преку Бугарија, со што ќе има уште поголеми штети и последици, информираше Сугарески, кој претходно порача дека директорите во железницата можат да покренат постапки затоа што штрајкот е незаконски.

За раководството на ЖРСМ Транспорт,  барањата на машиновозачите и помошниците се надвор од финансиските можности на претпријатието, бидејќи, како што велат, со огромни тешкотии успеваме да исплаќаме плата за вработените и обврските. Оттаму вчера за МИА информираа дека со оглед на тоа што машиновозачите и помошниците индивидуално прекинале со работа, индивидуално и ќе треба да се изјаснат дека прифаќаат или одбиваат да ги извршуваат работните задачи.

Машиновозачите и министерот заедно со директорот и Управниот одбор на Железници на РСМ Транспорт имаа средба во понеделникот, но не постигнаа договор за поставеното барање со што стартуваше блокадата на железничкиот патнички и товарен сообраќај.

Коронавирус