недела, 18. април 2021. Вести денес: 89
home Вести

Бутарис за грчките медиуми: Заев сам се покани на прослава во Солун

Бутарис за грчките медиуми: Заев сам се покани на прослава во Солун

,,Во суштина јас не го поканив него, тој се покани сам‘‘, вели за То Вима градоначалникот на Солун Бутарис, откако вчера владата и официјално потврди дека премиерот Зоран Заев на покана на солунскиот градоначалник, новогодишните празници приватно ќе ги помине во Солун.

Во изјавата за То Вима Бутарис објаснува:

,,Кога го посетив Скопје во ноември се сретнав со него и тој ми рече дека сака да ја помине Нова Година во Солун. Јас му реков да дојде, времето е добро и ќе има убав престој. Како можев да претпоставам дека тој тоа ќе го разбере како официјална покана? Сега разбрав дека 15-сетина пријатели на неговите пријатели резервирале соби во хотелот ,,Македонија палас‘‘. Јас не сум инволвиран во тоа. Ако ми се јави ќе одам да се видам со него. Ако не ми се јави, тогаш тој ќе ја помине ноговодишната ноќ со неговите пријатели‘‘.

Од владата денеска велат дека: ,,Претседателот на владата на Р. Македонија Зоран Заев, како што најавивме ќе оди во приватна посета во Солун, Република Грција за време на новогодишните празници. За време на посетата ќе има и заедничка вечера со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис‘‘.

За поканата од Бутарис сведочи и видео записот од прес конференцијата на премиерот и градоначалникот по средбата.

,,Го поканив премиерот Заев да дојде приватно и заедно да ги поминеме новогодишните празници во Солун‘‘, изјави тогаш Бутарис.

Ова не е прв пат солунскиот градоначалник да дава целосно спротивни изјави во Македонија и во Грција, за што често е на тапет на грчките медиуми, посебно кога во земјава ги користи термините Македонија, Македонци, македонски јазик, а во Грција се правда дека не бил разбран или лошо се изразил, и се враќа на познатиот вокабулар за домашната јавност.

Единствено што е сигурно од новогодишната прослава на Заев во Солун е дека на неа, како што беше замислено, нема да присуствува грчкиот премиер Ципрас бидејќи би зафатен.

Коронавирус