петок, 14. мај 2021. Вести денес: 13
home Вести

Бугарија е на пат да биде исфрлена од Советот на Европа

Бугарија е на пат да биде исфрлена од Советот на Европа

Почитувани читатели, се надевам дека ќе ве воведам во една тема која, со вкрстена анализа на меѓународното право, а поточно на Советот на Европа, како и со преземените легални чекори што следуваат во овој процес, ќе дојде до епилогот истакнат во насловот! Ова не е само пуста желба дека треба нешто да се случи во овој правец туку е логичен сплет на настани што следуваат во блиска иднина и кои се засновани на правни закономерности. Верувам дека отворивме нов хоризонт, кој претставуваше архипелаг на заборавените (Пирински) Македонци, кои за сето ова што се случува се изборија сами и низ призмата на институциите што ги нуди цивилизираниот свет, а со цел да ги остварат нивните права за себеидентификување како Македонци и наедно да ја демократизираат Република Бугарија како нивна сегашна домицилна држава.

Како краток вовед, би сакал да истакнам дека Советот на Европа (за разлика од Европската Унија, каде што треба да се прави јасна дистинкција на овие два различни ентитета) е класична меѓународна меѓувладина организација, што значи многу поедноставна за анализирање и разбирање, особено нејзината основна цел, заштитата на човековите права, плуралната демократија и владеењето на правото. Ратификацијата на Европската конвенција за човекови права претставува главен правен предуслов за формално полноправно зачленување на која било европска држава во Советот на Европа, што претставува јасна потврда за директната органска врска меѓу Статутот на оваа организација и почитување на основните човекови права. Додека Европскиот суд за човекови права е втемелен врз основа на Европската конвенција за човекови права и претставува коректив на почитувањето на човековите права на земјите-членки при Советот на Европа.

Статутот на Советот на Европа оди еден чекор понатаму и предвидува „… држава-членка може да биде суспендирана или исклучена од членството ако направи сериозни повреди на човековите права и основни слободи“. Ова е она што ја очекува Бугарија во понатамошниот процес доколку продолжи со негацијата на Македонците на нејзината територија и непризнавањето на нивните малцински права!

Во оваа „сага“ на признавање и непризнавање на Македонците во Бугарија се клучни неколку општи извештаи што доаѓаат од релевантни институции на Советот на Европа. Па, така, Венецијанска комисија во своето мислење за Уставот на Бугарија, на 74-та пленарна сесија, одржана на 14-15 март 2008 година, во параграфот 64, недвосмислено истакна: „Членот 11 (4) забранува постоење на политички партии по етничка, расна или религиозна линија. Грижата за заштита на единството и интегритетот на државата е секако целосно прифатлива. Како и вторите ставови на членовите 9 и 10 од Конвенцијата за човекови права, ставот 2 на членот 11 од Европската конвенција дозволува ограничувања на правото на здружување. Сепак, според судската практика на Европскиот суд за човекови права, ваквите ограничувања треба да бидат пропорционални (види на пример Обединетата комунистичка партија на Турција и други против Турција, Извештаи бр. 1998-I и Сидиропулос и други против Грција, Извештаи 1998-IV).

Затоа, Комисијата е загрижена дека ваквите одредби можат да се користат за да се спречат малцинските јазични, етнички или религиозни групи воопшто да се организираат“. Венецијанската комисија со овој извештај само ја предјавува потребата од менување на Уставот на Бугарија доколку во иднина постои судска практика на Европскиот суд за човекови права! Да напоменеме дека во овој период се донесени веќе првите пресуди против Бугарија од страна на Европскиот суд за човекови права, каде што беше констатирано дека на Македонците им е прекршено правото на здружување и себеидентификување во политички и невладини организации. Официјална Софија се правдаше дека како извршна власт не може да влијае на правосудството и дека, освен материјалното обесштетување поради уставната пречка од нормираноста во членот 11 став 4, не може ништо да преземе.

Во 2010 година, комесарот за човекови права при Советот на Европа, г. Томас Хамаберг, во својот извештај истакна: „…. со цел да ги заштити унитарноста и интегритетот на државата, членот 11 (став 4) од бугарскиот устав го забранува постоењето на политички партии врз етнички, расни или верски линии. Комесарот е свесен за грижата изразена од страна на Венецијанската комисија, грижа што e споделена и од страна на Европската комисија против расизам и нетолеранција, дека таквите одредби би можеле да бидат употребени за спречување на организирањето на јазичните, етничките или религиозните малцински групи“.

Со ова јасно и недвосмислено се укажува која е клучната или главната причина за неизвршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на сега веќе одговорната страна, Република Бугарија. Комесарот за човекови права при Советот на Европа, г. Томас Хамаберг, ја истакнува потребата од промена на бугарскиот устав, или членот 11 став 4, со кој правата на слобода на здружување и собирање отелотворени во Европската конвенција за човекови права би биле подобро гарантирани во практика за малцинства во Бугарија, вклучувајќи го тука и македонското малцинство.

Во ноември 2019 година, актуелната комесарка за човекови права при Советот на Европа, г-ѓа Дуња Мијатовиќ, во извештајот од нејзината посета на Бугарија, во главата насловена „Правото на слобода на здружување на лицата што се идентификуваат како етнички Македонци“,исто така ја нагласи потребата од промена на бугарското законодавство. Според неа, Македонците не се признаени како национално малцинство во Бугарија и не се вклучени во дофатот на примената на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од страна на Бугарија како договорна страна на оваа конвенција. Таа го реафирмира ставот на советодавниот комитет основан за целите на мониторинг на оваа Рамковна конвенција, кој во своето советодавно мислење спрема Бугарија изразил жалење за фактот што бугарските власти не иницирале каков било дијалог во овој поглед со лицата што се идентификуваат како Македонци, иако овие лица ја повториле својата желба да бидат признаени како национално малцинство.

И сега се поставува прашањето дали Република Бугарија ќе ги надмудри Советот на Европа и сите негови 47 членки, сите негови тела, како што се Комесарот за човекови права, Венецијанската комисија, Европскиот суд за човекови права и други ентитети од оваа куќа, и ќе успее македонското прашање да го држи во правен лавиринт?! Секако дека нема да успее!

Со прифаќањето на членството во Советот на Европа, Бугарија има експлицитни обврски да го приспособи своето законодавство на општоприфатените принципи на владеење на правото и почитување на човековите права, како што е наведено во членот 3 од нејзиниот статут. Секоја членка на Советот на Европа што сериозно го прекршила членот 3 може да биде суспендирана од своите права на членство во Советот на Европа и да биде побарано од Комитетот на министрите да се повлече, во согласност со членот 7 од Статутот на Советот на Европа. Доколку државата-членка, во случајов Бугарија, не го исполнува ова барање, Комитетот може да одлучи дека државата-членка престанала да биде член на Советот на Европа од датум што Комитетот може да го утврди.

Комитетот на министрите во октомври 2020 го повлече првиот чекор и ја донесе Резолуцијата со која ја обврза Бугарија да ги регистрира сите македонски здруженија најдоцна до 1 јуни 2021 година и да го приспособи нејзиното законодавство за остварување на оваа цел.

(Пиринските) Македонци ги остварија своите легитимни очекувања и права пред Европскиот суд за човекови права, Советот на Европа преку своите институции ги легитимира и афирмира правата на Македонците, остана само обврската на Бугарија да ги имплементира. До 1 јуни 2021 година на потег е Бугарија?!

П.С.
Во врска со Резолуцијата на Комитетот на министри на Советот на Европа и што по 1 јуни 2021 година ќе читате во наредното продолжение (следниот четврток).

Колумна на Тони МЕНКИНОСКИ за Нова Македонија

Коронавирус