вторник, 24. ноември 2020. Вести денес: 139
home Вести

„Брзиот воз“ на СДСМ кон ЕУ излета од шините! Никовски: Нашите проблеми со потпишувањето на Договорите со Грција и Бугарија, не се завршени

„Брзиот воз“ на СДСМ кон ЕУ излета од шините! Никовски: Нашите проблеми со потпишувањето на Договорите со Грција и Бугарија, не се завршени

По низата економски катастрофи и коруптивни скандали и „брзиот воз“ на СДСМ и Зоран Заев за патот кон ЕУ излета од шините. Ниту со промената на името на државата Заев не успеа да постигне Македонија да стане дел од европското семејство.

Унијата бара реформи и клучни промени, Македонија тапка во место.

Според најновата студија на Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ) доколку не се промени методологијата и темпото на тој процес, ниту една земја од Западен Балкан нема да влезе во Унијата пред 2030 година. Секако ова се однесува и на Македонија.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски во изјава за Курир цели дека најавата дека проширувањето на Унијата ќе следи по 2030-та година е апсолутно реална и одговара на сите факти кои беа достапни во последно време.

-Да бидеме прецизни, самиот Макрон на последниот самит рече дека треба да се подготви процедурата на прием меѓутоа дека нема проширување на Унијата се додека не се завршат внатрешните реформи, а тие траат најмалку десет години. Според тоа оваа студија апсолутно го потврдува фактот дека Македонија не може да смета на било какво членство во Унијата пред 2032,’33, значи за околу 15 години. Тука не е јасно што ќе се случи со Србија и Црна Гора кои договараат подолго време и се напреднати, веројатно за нив ќе има поинаков третман особено за Црна Гора, ќе влезе порано. Србија ќе ја кочат веројатно со Косово. Тоа се реалните проценки и сите наши залажувања и манипулирања со датумот за преговори се само губење на време и свртување на вниманието на народот, смета Никовски.

Тој посочува дека треба да не се заборави дека датумот 2030, ’31, ’32 е доколку нашиот процес на преговарање биде без проблеми.

-Знаете дека Бугарија завзема државен официјален став дека Македонија треба да исполни повеќе услови од кои 90 проценти се неисполниви. Нашиот прием ќе биде пречка и кога се ќе оди како што треба, како што сака Унијата, тука е и Грција. На секое од нашите поглавја тие ќе имаат по 10 забелешки. Нас не’ чека макотрпен пат и нашите проблеми кои почнуваат со потпишувањето на Договорите со Грција и Бугарија, не се завршени. Ние во нив прифативме дека вината за сите недоразбирања и нивни проблеми со нас, се наши. Кога на некој ќе му кажеш „јас сум виновен“, тој ќе удри уште посилно, вели Никовски.

Тој се осврна и на денешната посета на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на Македонија, па истакна дека сите во Брисел се свесни дека кон Македонија е направена нова тешка неправда.

-Дека 10 години не’ уценуваа, условуваа со ултиматум прво името потоа членство, и кога ние се прекрстивме, капитулиравме, се изрезиливме, се посрамотивме и направивме историска грешка, тие велат тоа веќе не важи. Сега доаѓаат кај нас, ни посветуваат внимание свесни дека се виновни и сега си ги чистат гревовите. Таа посета ништо нема да донесе, ќе ни направи некоја чест, но да бидеме свесни дека ЕК и претседателот на Европскиот совет ништо не решаваат. Одлучуваат самите членки. Нашиот гостин нема никаква ингеренција да реши нешто во однос на Македонија, дециден е Никовски.

Меѓу измените за кои се залага ЕСИ, се наведува дека проширувањето треба да стане „двофазен процес“.

Втората препорака е „отворете ги и затворете ги сите поглавја“. Понатаму, таа ја наведува потребата „владеење на правото навистина да стане централна тема“.

Прецизно кажано „почитувањето на правилата за владеење на правото мора да биде предуслов за пристапување кон единствениот пазар и за полноправно членство, што подразбира многу построга контрола од досега.“

За илустрација, се предлага „ако некоја земја сериозно ги крши основните човекови права или го поткопа независноста на судството, таа треба да биде замрзната од процесот на пристапување, вклучително и задржување на претпристапните фондови“ – во тој случај, процесот на пристапување ќе започне одново, ако оценуваат повеќето земји-членки на ЕУ дека се спроведени реформите.

Коронавирус