четврток, 22. октомври 2020. Вести денес: 138
home Вести

Брзавме на избори за функционални институции, а бројките од формирање на владата наваму се застрашувачки

Откако профункционира старо-новата власт бројките со корона кризата излегоа од контрола. За овие 43 дена вкупниот број заболени е зголемен за 50, а бројот на починати за 30% во споредба со претходните 6 месеци од пандемијата, а бројот на активни случаи денес е за 55% поголем во споредба со денот кога се формираше владата.
Брзавме на избори за функционални институции, а бројките од формирање на владата наваму се застрашувачки

Во месец мај лидерот на СДСМ, Зоран Заев бараше итни избори со цел справување со здравствената и економската криза од корона пандемијата.

Избори мора да има и тоа во најбрз можен рок. Потребни се целосно функционални институции за заштита на јавното здравје, поставување и водење на новата развојна македонска економија- напиша Заев на својот ФБ профил.

Изборите завршија на 15 јули, а потоа следеше месец и половина период во кој се тераше годишен одмор и партиски комбинаторики кои завршија на 30-ти август со изгласување на старо-новата влада предводена од Заев.

Во нашата анализа за справувањето со здравствената криза од формирањето на старо-новата влада, како пресек го земаме 31-ти август. На овој датум министерот Филипче објавил дека вкупната бројка на заболени во Македонија од почетокот на пандемијата, која траеше веќе 6 месеци (март, април, мај, јуни, јули и август) изнесувала 14.341 лице, бројот на починати 603 лица, а бројот на активни случаи 2581 лице.

И со овие бројки Македонија беше црн рекордер во регионот и пошироко, но да погледнеме што се случи во изминатите помалку од месец и половина, откако добивме „целосно функционални институции за заштита на јавното здравје“.

На 13.10.2020 година министерот за здравство Венко Филипче објави дека вкупниот број на заболени е 21.193 лица, починати 800 лица и 3996 активни случаи. Ова значи дека за овие 43 дена бројот на вкупно заболени е зголемен за 6.852 ( или тоа значи дека бројот на заболени е зголемен за скоро 50% во споредба со бројот во претходните 6 месеци заедно).

Уште позагрижувачки е фактот дека во овој период од 43 дена починале 197 лица, односно статистички пресметано бројот за смртни случаи е зголемен за 30% во споредба со вкупниот број починати во 6-те претходни месеци од пандемијата).

Бројките не се подобри ниту во однос на активните случаи. Денес бројот на активни случаи во споредба со бројот на денот на изгласувањето на старо-новата влада е 55% повисок.

Очигледно и во Македонија како и во светот, вториот бран од пандемијата со корона вирусот го фаќа својот замав, но дали институциите се доволно функционални и организирани. За жал Би-Би-Си во последниот извештај пред половина месец ја смести земјава во рангот на земји со најголема смртност во Европа и земја со најлоша слика на Балканот.

Македонија има убедливо најлоша корона слика на Балканот и е меѓу земјите кои имаат најголема смртност во Европа.

Британскиот медиум BBC пресметал дека со 34,6 починати на 100 илјади жители Македонија има најголема смртност во регионот.

Коронавирус