петок, 14. мај 2021. Вести денес: 81
home Вести

Брзата помош во Скопје на респиратор, а пратеничка на СДСМ со амбулантно возило на екскурзија од Битола до Собрание

Брзата помош во Скопје на респиратор, а пратеничка на СДСМ со амбулантно возило на екскурзија од Битола до Собрание

КОВИД-19 не предизвика ниту грижа и одговорност кај надлежните дека има енормна потреба од возила но и вработени во Брзата помош. Имено, на територија на Град Скопје засега и во време на КОВИД-19 има само седум возила на Брза помош.

Дури и понекогаш се случува да има 12 јавувања до Брза помош за КОВИД пациенти, и иако седум екипи се веќе на терен, другите пет пациенти се ставени на чекање. Тоа што Брзата помош нема доволно кадар и возила во време на пандемија е причина и граѓаните се приморани да се обратат во приватна служба и да платат од сопствениот џеб за услугата.

Дополнителен проблем за граѓаните е тоа што кога пациентот ќе побара да биде однесен на преглед во КОВИД – амбуланта со возило на итната помош, за тоа мора да има упат од матичен лекар.

„Ако не е критичен и ако треба да се прегледа од инфектолози и специјалисти, матичниот мора да даде упат. Само кога е критичен, Брзата помош го носи и го најавува во болниците. Критичен е кога е ниска сатурацијата и кога се влошува состојбата. Ако се чувствува исцрпен од температурата, а бара да го прегледа инфектолог, како што се случува, тоа мора да оди преку матичен доктор. Не сме приклучени на „Мој термин“ и не можеме да ги договараме термините кога ќе биде слободна инфективната амбуланта. А може да му направиме транспорт“, вели доктор Милица Бубало, раководителка на службата за итна медицинска помош при Здравствен дом Скопје, за „Слободен печат“.

И додека граѓаните се соочуваат со потешкотии врв на се е кога пратеничката од Битола, Бисера Костадиновска Стојчевска позитивна на КОВИД – 19 се појавува во Парламентот со амбулантно возило.

„Пристигнувам во Собранието, со целосна заштитна КОВИД-19 опрема, за да учествувам на денешната седница на која ќе ги усвоиме законите кои обезбедуваат финансиска помош за илјадници граѓани и компании. Позитивна сум на КОВИД-19, но добро се чувствувам, со силна одлучност денес да победи народот. Нема да дозволиме уцени! Мојата должност како пратеничка е постојана и благородна. И здрава и болна, имам обврска да направам сѐ граѓаните да ја добијат помошта која Владата ја обезбеди за нив“,напиша на социјалните мрежи пратеничката Бисера Костадиновска – Стојчевска на 20.04.2021.

На овие случувања остро реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ кога посочи дека додека нема амбулантни возила и здравствен персонал за граѓаните, пратениците на СДСМ си прават екскурзии низ државата со амбулантни возила.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Никола Мицевски во гостување во радио „Лидер“ на 19.04.2021, посочи дека додека граѓани чекаат амбулантно возило по цел ден, за пратеничката на СДСМ, амбулантно возило служеше како такси и ја чекаше цел ден, а ваквиот апсурд наместо да добие осуда министрите го нарекоа херојски чин.

„Жално е што вчера што ја релативизираат ситуацијата, а особено министри кои треба да го осудат ова. Министерот за правда ова го нарече херојски чин, кршењето на законите и Уставот. Алијанса и Алтернатива најавија дека ќе бидат присутни за 32 седница, ние кажавме дека ќе бидеме присутни за 36 седница да се изгласаат мерките, и да дојдеш да демонстрираш сила да кршиш закони и тоа министерот за правда да го нарече херојски чин е несфатливо“, истакна Мицевски.

Коронавирус