понеделник, 23. мај 2022. Вести денес: 160
home Вести

Бројот на активни случаи од 1 јануари зголемен за 11.000, процентот на позитивност викендов околу 22

Бројот на активни случаи од 1 јануари зголемен за 11.000, процентот на позитивност викендов околу 22

Од почетокот на јануари 2022 година до вчера, за 16 дена, бројот на активни случаи се зголемил за над 11.000. Ако на 31 декември 2021 година, бројот на активни случаи беше 5.006, вчера тој изнесуваше 16.132. Процентот на позитивност за време на викендот е околу 22 процент.

Во претходното деноноќие беа регистрирани 1.348 нови случаи на КОВИД-19 од направени 6.141 тестови или 21,9 проценти. Од вкупниот број на позитивни 1.348, регистрирани се 145 реинфекции.

За претходните 24 часа беа пријавени осум починати лица и 784 оздравени пациенти, информираше вчера Министерството за здравство повикувајќи се на податоците од Институтот за јавно здравје.

Досега во земјата се направени вкупно 1.706.696 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 244.632, бројот на оздравени пациенти е 220.400, на починати е 8.100, а бројот на активни случаи изнесува 16.132, од кои половината се во Скопје.

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 8609, следи Битола со 1456, Прилеп – 890, Куманово – 580, Охрид – 565, Кавадарци – 413, Струмица – 321, Велес – 317. Во другите градови има под 300 заразени, а во Дојран има само седум активни случаи.

Поради нагорната линија на позитивни лица со КОВИД-19 со брзото ширење на омикронот, се очекува надлежните да соопштат неделава дали на време ќе почне второто полугодие од учебната 2021/2022 година, на кој начин ќе се одвива наставата или ќе има одложување.

Изминативе неколку недели, здравствените власти истакнуваат дека притисокот врз болниците е намален што се однесува до хоспитализациите, но зголемени се амбулантските прегледи, кои се движат и до стотина пациенти на ден во една установа.

Во период од 06.08.2021 до 13.01.2022 година на територија на државата како позитивни на КОВИД-19 се тестирани 85.593 граѓанин, од кои 37 отсто биле целосно вакцинирани, односно 32.079 лица. Според статистиката за изминативе месеци, 53.514 граѓани, односно 63 отсто од позитивните на КОВИД-19 не биле вакцинирани. Анализата на Министерството покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.

Во период од 6.08.2021 до 13.01.2022 година 78 отсто од починатите лица со КОВИД-19, биле невакцинирани, а само 22 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, посочуваат од Министерство и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи, како што велат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на САРС-КоВ-2.

Во светот досега од коронавирусот се заразиле над 327 милиони жители, починале повеќе од 5,5 милиони, а оздравеле околу 267 милиони луѓе.

Светската здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека досега има испорачани една милијарда дози во рамките на програмата Ковакс.

Во соопштението на СЗО се наведува дека во рамките на програмата Ковакс, досега вакцини се испорачани во 144 земји.

СЗО долго време ја критикуваше нееднаквата дистрибуција на вакцините и ги повика и производителите и земјите да и дадат приоритет на програмата Ковакс.

Бројот на новозаразени во Австралија првпат во последните пет дена под 100.000, а официјалните лица веруваат дека бранот од омикрон сојот се приближува до својот врв во Нов Јужен Велс, најтешко погодената земја на континентот.

Австралиските власти во претходните 24 часа регистрираа вкупно 85.824 случаи на инфекција, што е значителен пад од рекордните повеќе од 150.000 во четвртокот, по што бројот на новозаразени почна да се намалува.

Годинава се регистрирани повеќе од 1,3 милиони случаи, додека во 2020 и 2021 година имаше вкупно 200.000 случаи.

Во Австралија, повеќе од 92 отсто од населението на возраст над 16 години имаат примено најмалку две дози од вакцината против коронавирус.

Иран ги регистрираше првите три потврдени смртни случаи од сојот омикрон, соопшти вчера Министерството за здравство.

Тројца Иранци досега починале од високо преносливиот сој на коронавирусот и на национално ниво со него има новозаразени над 1.100 лица.

Досега, повеќе од 60 отсто од речиси 84 милиони Иранци се двојно вакцинирани, а се применуваат и засилувачките дози.

Австриската влада вчера го претстави нацрт-законот со кој во земјата се воведува задолжителна вакцинација против коронавирус од февруари.

Во Словенија во претходните 24 часа биле потврдени 6012 нови инфекции со коронавирус, што е најголем процент на позитивни тестови досега.

Од 10.299 ПЦР тестови имало 6.012 позитивни резултати или 58,4 отсто, а бројот на новозаразени е речиси двојно поголем од пред седум дена, кога беа 3.360, објави Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ).

Завчера беа потврдени 7.580 нови случаи, што е најголем број дневни инфекции од почетокот на епидемијата, при што 53 отсто од тестираните биле позитивни.

Рускиот национален истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ ја разгледува можноста за развој на поливалентни вакцини против нови соеви на инфекции со коронавирус, кои ќе се засноваат на различни варијанти како делта и омикрон, изјави заменикот-директор Денис Логунов.

– Можно е да се развие ваква комплексна вакцина против коронавирус, рече Логунов во интервју за ТВ каналот „Русија-1“.

Коронавирус