вторник, 22. јуни 2021. Вести денес: 122
home Вести

Божиновски: Доста е со сагата, матурантите заслужуваат вистинско образование!

Божиновски: Доста е со сагата, матурантите заслужуваат вистинско образование!

Колумна на Перчо Божиновски, професор по македонски јазик и литература:

Македонската сага е тешка претешка. Македонија стана земја на саги. Здравствена преку сагата за вакцини, политичка преку сагата за конгреси, образовна преку сагата за реформи и сагата за државна матура.

Кога го споменуваме зборот сага, најпрвин да кажеме дека претставува прозно епско предание кај нордиските народи за подвизите на боговите, кралевите, митолошките јунаци односно долго прозно дело, обично во неколку книги. Сагата како епско дело се изучува во делот теорија на литература по предметот Македонски јазик и литература. Интересно е тоа што во дел од некои саги историското е потиснато од доминантното чудесно во текстот. Токму тоа чудесно е својствено и за надлежните институции кога станува збор за државната матура.

И додека се обидуваме да најдеме начин за расветлување на македонската сага, ставот на министерката Царовска околу матурата дека оваа учебна година нема време, простор и потреба за законски измени е доказ за невидената ароганција и негрижа кон учениците.

Учениците во ова време-невреме и пандемија се соочуваат со огромни проблеми во образованието поради здравствената криза, несоодветна настава минатата учебна година во второто полугодие, задоцнет почеток на оваа учебна година, недостиг на уреди и нестабилна интернет врска за следење настава од далечина, скратени часови на 35 минути, скратени наставни програми, но не и скратени испитни програми за матура (само неколку содржини по Македонски јазик и литература, и по Физика, Хемија и Географија), несоодветни и недоволни услови за подготвување се само дел од многуте аргументи кои се на страната на матурантите.

Затоа разумно е да се слушне гласот на средношколците кои прифаќаат компромис, но со неколку услови до конечна реализиција на целосното решение. МОН и Царовска да покажат разбирање, веднаш да се фатат за спроведување на активности. Само треба да се има волја и да се покаже грижа.

Согласно член 38 став 2 од Законот за средното образование и член 20 став 3 од Законот за стручното образование и обука како Министер за образование и наука носи Правилник за начинот на полагање и оценување на резултатите на учениците на испитите од државата матура, училишната матура и завршниот испит. Начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците се уредуваат со Концепција за државна матура и со посебен пропис што го донесува Министерот.

Направете го тоа веднаш во интерес на учениците!

Концепцијата на предлог на Државниот матурски одбор, ја донесува Министерот.

Донесете ја веднаш, со оглед на околностите, како што гледаме дека сте голем поборник кога станува збор за Концепции!

Испитните програми за полагање на испитите во матурата ги донесува Министерот, на предлог на БРО!

Не замајувајте ги учениците, донесете веднаш скратени испитни програми, наместо апсурдно Комисијата која ги креира прашањата да се насочи да креира прашања од пониско ниво!

Не треба да заборавиме дека услов е оценките да се добиени не само врз основа на затворени прашања, туку и прашања од отворен тип, како на пример есејските прашања, односно да има доволна застапеност на прашања од повисоките когнитивни нивоа според Блумовата таксониија (примена, анализа, вреднување, синтеза), како и прагот на положеност да не е низок.

Спецификациската мрежа на матурскиот испит опфаќа неколку способности кои учениците треба да ги совладаат. Најпрвин ученикот да знае, познава и разбира, потоа да применува и користи, па на самиот крај да решава и размислува логички за поимите и фактите.

И доаѓаме до тоа доколку има прашање за сага за матурантите, дали за надлежните тоа е прашање од пониско или повисоко ниво?

Доста е со сагата, за да можеме целосно да се посветиме и да се подготвуваме со матурантите според програмата за консултативна настава за учениците и успешо полагање на матурскиот испит!

Матурантите се идните носители на сите дејности во државата. Матурантите заслужуваат вистинско образование!

ЕУРО 2020

Македонија