среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 1
home Вести

Бошко Буха стил- Кодоши и џелати со отпремнина

Бошко Буха стил- Кодоши и џелати со отпремнина

„…Системот на контрола на кој почивало нашето општество бил базиран на еден претпоставен субјект – носител на претпоставена „вистина“, а тоа е кодошот лично. Кодошот е оној што знае. Кодошот станува Големиот друг, носител на интерпретацијата и на вистината. Тој станува најширокиот субјект за кој се претпоставува дека знае – тој станува бог, мал, локалeн, политички, но сепак бог…“

„…Системот на контрола на кој почивало нашето општество бил базиран на еден претпоставен субјект – носител на претпоставена „вистина“, а тоа е кодошот лично. Кодошот е оној што знае. Кодошот станува Големиот друг, носител на интерпретацијата и на вистината. Тој станува најширокиот субјект за кој се претпоставува дека знае – тој станува бог, мал, локалeн, политички, но сепак бог…“.

Вака во својата книга „Комунистичка интима“ ја дава дефиницијата за кодошите пофесорката Јасна Котевска. Книгата е произлезена од увидот во личното досие на нејзиниот татко, писателот Јован Котевски, кој беше последната политичка невина жртва на комунистичкиот режим, одлежувајќи затворска казна во монтиран судски процес.

И нашиот нов, македонски Бошко Буха не се задоволува со таа улога на бомбаш. Сака да биде „бог, мал, локален, политички, но сепак бог“. Преку својот ФБ статус ни се пофали дека исправа неправди. А, како? Ќе ги прогласл за ништовни и ќе ги поништел правните акти, дејствија, мерки и правни последици од „нарачаните процеси“ во постапките за лустрација. И оштетените, сите до еден лустрирани, во рок од два месеци ќе имаат право да поднесат барања за обесштетување. Значи, да добијат пари, наши, од секој граѓанин, даночен обврзник. Самиот наш Бошко Буха би рекол ајдееее мајката!

А, врз основа на што? Дали е направена било каква анализа за сите лустрирани лица, па да се види дали некаде е направена грешка или не? Документите се предадени и стојат така со години. До сега никој не споменал дека е сторено такво нешто. Дали некој проверил колкумина од лустрираните интервенирале пред Уставниот суд за заштита на човековите права и слободи? Колкумина други го сториле тоа за да се оцени и именува „режимот“ кој е срушен и на кој се повикуваат?

Работите се толку нелогични, што одат до степен на ступидност. Во ист кош се ставаат и жртви, и кодоши, и џелати. И пари ќе има за кодошите и џелатите, ама не и за жртвите! Што би се рекло, кодоши и џелати со отпремнина. За правните аспекти, пак, да не зборуваме. Тие се посебна приказна, уште повеќе што сме во исчекување на одлуката за почеток на преговори за членство во ЕУ.

Да, може да има обесштетување, ама само после детална проверка и анализа, ако е направена грешка да се исправи. Преку судска постапка и не само за евентуално таквите лица, туку и за сите жртви. Нормално, ако за тоа државата има пари. И не секој од око да бара колку сака, туку според одредена сатница, како што беа обесштетени жртвите на комунизмот во Албанија.

Да биде апсурдот поголем, партијата на власт, наследничка на бившата Комунистичка партија на Македонија, по војната убивала, апсела, носела на Голи Оток, по други работни логори, чистела по линија на национализам, врховизам, либерализам без никакви судски процеси. И токму тоа беше причината да оди тешко со рехабилитацијата на Ченто, Брашнаров, Шатев, Пирузе, Шамбевски, Богдановски, Шишков, Паунковски… Единстевена правилно рехабилитирана личност и тоа заради монтираниот судски процес беше првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто. Сите останати завршија така како што завршија.

А, дали и како беа обесштетени сите овие лица или нивните најблиски? Никако и со ништо. И не само тие. Според службените податоци изнесени со почетокот на плурализмот, во Македонија имало малку над 8оо жртви на режимот. Иако има многу сомневања во нејзината реалност. А, има ли анализа колкав е бројот на оние на кои им биле кршени човековите права и слободи со почетокот на плурализмот? Тој ни случајно не е мал. И зошто тие или нивните семејства да не се обесштетат?

Ако некој мисли дека вистинската слика за лустрацијата треба да се добие преку сечени, лепени, монтирани бомби се лаже. Граѓаните секој ден не слушаат бомби, туку гледаат криминал, корупција, невладеење на правото, нефункционирање на институциите на системот, што се не ги напаѓа нивните сетила. Ама за тоа никој не бара и не добива пари од државата.

Извор: РЕПУБЛИКА

Коронавирус