четврток, 12. декември 2019. Вести денес: 0
home Вести

Болничарите од Психијатрија во Демир Хисар револтирано му порачаа на Филипче: И ние сме медицински персонал!

Болничарите од Психијатрија во Демир Хисар револтирано му порачаа на Филипче: И ние сме медицински персонал!

„Денеска го отворивме комплетно ново изградениот дел – машки павилјон во Психијатриската болница Демир Хисар. Објектот е со површина од 510м2, болнички и административен дел, со 36 болнички кревети. Со ова, павилјонот нуди подобри услови за престој на пациентите во болницата, подобри услови за работа на медицинскиот персонал и повисок квалитет на здравствена услуга“.

Вака се пофали министерот за здравство Венко Филипче кој денеска е во посета на Психијатриската болница Демир Хисар.

Филипче на својот Фејсбук профил пишува „средствата ги обезбеди Американската амбасада, а уредувањето го финансираше самата болница“.

Вработени во болницата, пак, реагираат.

-Да, парите ги обезбеди амбасадата на САД, но министерот како да заборава да каже во кој период се обезбедени. Тоа се средства уште од 2016-та година, почеток на 2017-та година, оттогаш и се подготвува тој оддел, вели вработен во болницата.

Оваа посета на Филипче ја искористија болничарите.

-Имавме средба со министерот и му укажавме дека ние треба да сме дел од медицински персонал. Овој персонал има јасна позиција во Психијатриската болница Бардовци во Скопје. Имаме иста работа, зошто да има и разлика, велат болничарите.