среда, 28. октомври 2020. Вести денес: 133
home Вести

Болницата во Струмица преполна со заразени со коронавирус, нема место за други

Болницата во Струмица преполна со заразени со коронавирус, нема место за други

Инфективното одделение во Струмица е полно со пациенти заразени со ковид-19. Таму веќе извесен период нема можности за сместување нови болни со полесна клиничка слика, поради што струмичката болница почна со опремување дополнителен простор, пренесе СДК.МК.

Директорот на болницата Наќе Гогов вели дека се работи на адаптирање на простор од новиот болнички крак кој уште не е ставен во функција, за да можат да одговорат на потребите на пациентите, бидејќи бројката заболени во Струмица секојдневно се зголемува.

„Во моментов на Инфективното одделение се лекуваат вкупно 15 пациенти, што е максимумот согласно дадените протоколи за работа од здравствените власти. Со оглед дека бројките деновиве се двоцифрени, се чувствува потреба од згрижување на лицата со полесни сиптоми, така што приморани сме да опремуваме дополнителен простор за да бидат третирани на соодветен начин“, кажа Гогов.

Тој вели дека станува збор за решение додека не се подигне монтажната ковид-болница, за што летово согласност дадоа 16 општини од земјава. Според него, струмичката болница има просторни услови кои може да се адаптираат за сместување на пациенти со полесна клиничка ковид слика.

„Последниве денови станува втор град по инфицирани во земјава, поради што одговорноста мора да биде голема кај сите. Сето тоа што ни се случува е резултат на непочитување на мерките“,  вели Гогов.

За три дена во Струмица се регистрирани дури 45 позитивни на ковид-19, со што активни се 90. Освен возрасни, како што тврдат лекарите, се зголемува бројот на заразени лица и од помладата популација. Од почетокот на пандемијата, во Струмица регистрирани се 157 позитивни, а 7 лица починаа од компликации предизвикани од коронавирусот, објави СДК.МК.

Најнови вести

Коронавирус