сабота, 8. мај 2021. Вести денес: 16
home Вести

Блед и невпечатлив настап на Заев- празни бројки наместо проекти

Блед и невпечатлив настап на Заев- празни бројки наместо проекти

Владата на СДСМ и ДУИ предводена од Зоран Заев синоќа го преживеа гласањето доверба откако 62 пратеници гласаа ЗА, 40 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ гласаа за интерпелација, додека двајца беа воздржани. Обраќањето на премиерот Заев пред пратениците, непосредно пред гласањето помина бледо и невпечатливо, без конкретни реализирани проекти во изминативе десет месеци од кои корист би имале граѓаните.

Освен обвинувања дека наследиле тешка ситуација и ветувања кои беа само повторување на оние од изборната програма, Заев на говорницата излезе со празни бројки, без конкретни реализирани проекти. Заев од собраниската говорница ја повтори програмата на владејачката гарнитура, а се осврна на тоа што затекле сегашните функционери кога влегле да раководат со институциите.

-Затекнавме општа катастрофална состојба, ограбена држава. Наследивме тотален колапс, блокирани институции. Се соочуваме со коруптивни договори, кои не можат да бидат прекинати поради тоа што ќе му нанесат штета на буџетот. За да се создадат услови за темелна промена, неопходна е вклученост на сите политички фактори. Системот мора да се регенерира во самите институции. Тоа мора сами да го направиме. Низ тешките премрежиња се создаде парламентарно мнозинство кое вети дека ќе донесе реформи. Без исклучок, чекориме кон тоа да ги оствариме стратешките интереси на граѓаните и државата, тоа се ЕУ и НАТО.

Заев ги повтори ветувањата дека ќе се намалувала бројката на невработени и ќе имало повеќе странски инвестиции, а оваа година ќе била најважната за судските реформи.

-Транспарентни сме, секоја недела имаме прес-конференции и објавуваме сè што е во интерес на граѓаните. Порано граѓаните бараа, власта криеше. Сега не е така. Наша цел е владеењето на правото, интензивирање на економскиот развој, додава Заев.

Села до Заев: Не ја заслужуваш поддршката за доверба

Алијансата за Албанците на гласањето за доверба на Владата гласаше „воздржано“, како што што претходно најави партискиот лидер Зијадин Села. Според него, премиерот Зоран Заев не ја заслужува поддршката за доверба.

-Јас ја дадов поддршката кога беше избран за премиер, денес не ја заслужуваш поддршката за доверба, рече Села.

Села вели дека Алијансата за Албанците нема да биде дел од, како што рече, политичките игри за да ја поддржи интерпелацијата на Владата.

-Кога ја почнавте шарената револуција, отсуствуваше демократијата. Денес, ние со право кажуваме дека сè уште отсуствува демократијата. Изборите треба да донесат измени и кај Албанците. Двете политички партии прават сè за да ја поддржат албанската паритја која 16 години ги добива изборите, а нема легитимитет кај Албанците. Човекот што го поддржавте за градоначалник на Струга е дел од прислушуваните разговори. Ако не сте разбрале што е демократија, тоа е промена. Кога ќе дојде денот, ќе се открие вистината, рече Села.

Груевски: Ова е трчи-лажи влада

Поранешниот премиер и актуелен пратеник Никола Груевски во своето обраќање рече дека оваа влада има најнизок раст во Европа, и наместо со нови конкретни иницијативи се занимава со маргинални прашања.

-Граѓаните од вас очекуваат нови работни места, нови фабрики, нови инвестиции, нови шанси и можности за да останат и да живеат тука, а не за да им се докажувате дека не патувате да носите странски инвестиции и со тоа штедите. ВМРО-ДПМНЕ создаде бизнис клима како најдобрите 10 држави во светот, што го потврди и Светска Банка, рангирајќи ја Македонија, од  претходното 94 место на 10 место во Светот и 5 во Европа. Создадовме услови македонските компании да се поконкурентни и на тој начин поуспешни, што се гледа и од индексот за конкурентност на  Давос но и од бројот на нови работни места, додаде тој.

Според него оваа влада е посветена исклучиво само на прашањето за промена на името на државата поради спуштени преговарачки позиции како никогаш досега.

-Скандал е кога во сред преговори за името од страна на владата потпретседателот на владата  ќе ја продаде својата приватна компанија на Грчкото електростопанство и притоа ќе даде изјава дека за него е прифатлива секоја придавка и Горна и Северна и Нова Македонија, истакна Груевски.

Груевски додаде дека исто така скандалозно е што оваа влада потпишала договор со Бугарија каде што трите спорни точки се прифатиле, од кои едната била промена во учебниците по историја што значи да се промени историјата на целата држава. Тој потенцираше дека не е проблем да се разговара за името за да се најде решение, тоа го правеле сите влади во минатото, но да се разговара на начин каде што ќе се доведеме во ситуација да молиме за тоа како ќе се викаме по дома тоа претставувало дно.

-Скандал е денешното обраќање на г-ѓа Шекеринска со кое таа дава наредба на партискиот суд, колку требало да не осуди нас како нејзини политички противници. Јас разбирам фрустрацијата од историски најголемиот пораз на СДСМ од 2008 е голем. Но скандал е кога од говорницата на Парламент се врши јавен притисок врз судството од страна на владата, вели Груевски.

Груевски целата работа на оваа влада ја опиша како големо понижување и разочарување на сите граѓани во Македонија. Тој истакна дека исто така катастрофални се политиките кои ги спроведува СДСМ во земјоделието, здравството, образованието  полицијата  а за кои до сега никој не сносел последици од хаосот што го создале.

-Ова е трчи-лажи влада која секому му ветуваше што сака да слушне. Влада која верува и се надева дека на следните избори меѓународната заедница ќе им легализира нов изборен криминал затоа што ќе ги продадат нашите национални интереси и не се свесни дека ќе доживеат сериозен дебакал кои ќе го остават СДСМ во нови 10 години во опозиција, додаде Груевски.

Конечно сакам да му препорачам на Зоран Заев навреме да си се повлече од политиката, пред штетите да се преголеми, дециден беше Груевски.

На крајот во своето обраќање Груевски кажува дека Македонија треба и мора да влезе во ЕУ и НАТО, таму е нашето место, но не протуркана на инвалидска количка и не со скршена кичма.

Коронавирус