понеделник, 12. април 2021. Вести денес: 104
home Вести

БИЛЕ ИЗДАДЕНИ НАД 200 ЛАЖНИ ПАСОШИ: ОЈО гони 11 лица, едно е недостапно за полицијата – се користеле идентитети на лица од дијаспората!

БИЛЕ ИЗДАДЕНИ НАД 200 ЛАЖНИ ПАСОШИ: ОЈО гони 11 лица, едно е недостапно за полицијата – се користеле идентитети на лица од дијаспората!

Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе две кривични пријави, едната од Единицата за финансиски криминал при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал-Сектор за криминалистички истраги и втората од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.

Како што соопштија од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, со пријавите се опфатени вкупно 11 лица за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 став 1 од Кривичниот законик.

– Постапката што ја отвори денеска Јавното обвинителство се однесува на незаконско издавање на патни исправи од надлежни организациони единици за издавање на овие документи. Притоа 10 од осомничените се вработени во МВР во службите за издавање на пасоши, додека едно лице, како поттикнувач, посредувало при незаконското издавање на документите. Со двете поднесени кривични пријави опфатени се вкпуно 219 незаконски издадени пасоши, се појаснува во соопштението.

Првата кривична пријава се однесува на 215 незаконски издадени патни исправи, при што осомничените им овозможиле на странски државјани да се стекнат со патна исправа на Република Северна Македонија под туѓ, македонски идентитет, а со фотографија од лицето на кое му била издадена патната исправа. Притоа, се наведува во соопштението, се користел идентитет на лица кои живеат во дијаспората.

Со втората пријава, пак, соопштуваат од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, се опфатени четири незаконски издадени пасоши при што искористени биле повеќе матични броеви издадени на едно лице, кои не биле опфатени со постапка за нивно поништување, со цел да се креира нов идентитет, кој потоа со фотографија од лицето кое бара пасош бил употребен за да се издадат нови незаконски патни исправи.

– Постапувајќи по двете кривични пријави, Обвинителството до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор против осум лица, од кои едно е недостапно на органите на прогонот, додека против две лица е поднесен предлог за определување мерки на претпазливост „забрана за напуштање на живеалиште“, обврска повремено да се јавуваат кај определно службено лице, привремено одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело. Еден од осомничените, пак, веќе се наоѓа во притвор по претходен предмет за незаконско издавање возачки дозволи, се подвлекува во соопштението.

Во текот на постапката, стои во соопштението, обвинителството ќе ги утврди сите решавачки факти околу незаконското издавање на патни исправи. Поради обемноста на доказниот материјал и потребата од меѓународна соработка на МВР за прибирање на доказите во овој предмет, посочуваат, беше потребен период подолг од една година.

– Обвинителството во целост ќе ги истражи информациите за доспевање на податоци од постапката во јавноста во завршната фаза од обезбедувањето на доказите, односно непосредно пред поднесување на кривичните пријави. За таа цел надлежниот јавен обвинител од МВР ќе побара материјални докази дали и кои лица тие податоци ги направиле достапни на јавноста, а воедно ќе обезбеди и вербални докази во рамките на своите законски овластувања, соопштија денеска од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија.

Коронавирус