петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 146
home Вести

Бигорскиот манастир денеска слави 1000 години од основањето

Бигорскиот манастир денеска слави 1000 години од основањето

Главната и централна прослава на великиот јубилеј 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир ќе се одржи денеска со почеток во 9:00 часот со Божествена архијерејска литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА.

По завршувањето на литургијата пред присутните, освен архиепископот г. г. Стефан, ќе се обрати и покровителот на прославата, претседателот на државата Стево Пендаровски.

Митрополитот г. Тимотеј и епископот г. Партениј, пак, ќе доделат ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за илјадалетието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија.

Поради зголемениот број случаи на заразени од Ковид-19, како и засилените мерки и препораки на Министерството за здравство и на другите здравствени институции, прославата на 1000-годишнината ќе се одвива со строго запазување на предвидениот протокол за заштита.

-Програмата денеска, вклучително и светата богослужба, ќе се одвива на отворено, во дворот на Манастирот, каде ќе биде поставена монтажна бина, а исто така и два видео-екрани. На неколку места ќе има пунктови за дезинфекција, а носењето на маски и одржувањето на потребното растојание се задолжителни. За доследно запазување на споменатите мерки ќе биде ангажирана професионална и лиценцирана екипа на редари, коишто ќе се грижат бројката на посетители да не го надмине дозволениот капацитет според протоколот за заштита, соопштуваат од Манастирот.

По тој повод е објавен пригоден видео спот „1000 години Бигорски манастир“, специјално подготвен за милениумскиот јубилеј од страна на продукциската куќа „Дрим фектори“. (МИА)

Коронавирус