среда, 19. јануари 2022. Вести денес: 0
home Вести

Автобусот на „Беса Транс“ 135 пати ги преминал граничните премини на Македонија

Автобусот на „Беса Транс“ 135 пати ги преминал граничните премини на Македонија

Автобусот на компанијата „Беса Транс“ во оваа и минатата година реализирал 135 преминувања на граничните премини на Македонија.

Курир побара одговор од Министерството за внатрешни работи дали и колку пати автобусот на „Беса Транс“ остварил излез од Македонија (земајќи ги во предвид сите гранични премини) во текот на 2020 и 2021 година.

-Во однос на прашањето за бројот на преминување на државната граница на предметниот автобус, евидентирано е дека во 2020 година истиот во 22 случаи има остварено влез – излез од државата, додека во 2021 година има остварено 113 преминувања на државната граница, стои во одговорот на МВР.

Бројот на преминувања веројатно е поголем, бидејќи ова се податоците за само две години.

Од Царинската управа пак, пред два дена, во соопштението наведоа дека во периодот од 15.10.2020 година до 11.11.2021 година, евидентирале повеќе преминувања на предметниот автобус преку граничните премини: ГЦИ Деве Баир, ГЦИ Блаце, ГЦИ Ќафасан и ГЦИ Делчево, за различни видови на превоз, вклучувајќи и евиденција на бројот на Изводот од Лиценцата за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај – слободен превоз на патници. Од Царина најавија дека веродостојноста на овие приложени документи од превозникот дополнително ќе се проверува.

Министерството за транспорт и врски информираше дека за споменатото возило нема издадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз за патници, ниту пак за друг вид на јавен превоз на патници.

При последниот излез од земјата автобусот користел извод од лиценца на друго возило, со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот Беса Транс, односно превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило и лиценца од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Последно познато е дека на 18.11.2021 година, од страна на царинските службеници електронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, извршена е само заверка на евидентентиот лист за превоз на патници.

Одговорност досега има само од двајца царински службеници кои биле на смена кога возилото излегло од државата. Тие се суспендирани од работа, а санкции се најавени и за нивниот раководител.

Министерството за транспорт и врски по несреќата на компанијата и ја одзема лиценцата за работа, односно се забранува вршење на дејност. Државниот инспекторат за транспорт (ДИТ) вчера се обидел, но не можел да изврши вонреден инспекциски надзор во компанијата бидејќи, како што изјави директорот Руфат Хусеини, канцелариите и на компанијата и на нејзините агенции биле затворени, а никој не се јавувал на телефон.

– Вчера се упативме во просториите на „Беса транс“, во седиштето, но беа затворени, никој не се јавуваше на службените телефони. Оттаму се упативме во седиштата на двете агенции што ги имаат во Скопје, кои исто така беа затворени и немаше никој. Во Тетово знаеме дека има една агенција, но нашиот инспектор оттаму не информираше дека и таа е затворена. Не можевме да извршиме вонреден инспекциски надзор, изјави Хусеини.

Во автобуската несреќа, која се случи на 23-ти ноември на автопатот „Струма“ во Бугарија животот го загубија 45 лица, а седуммина се повредени. Дванаесет од загинатите се малолетници. Идентификацијата на жртвите се уште не е завршена, а надлежните институции во Бугарија работат на утврдување на причините за тешката несреќа. Човечка грешка, според досега објавените информации од бугарското обвинителство, е најизгледна причина за несреќата.

Коронавирус