среда, 21. октомври 2020. Вести денес: 113
home Вести

АВМУ бара да се обезбеди баланс во посебните информативни емисии за изборите

АВМУ бара да се обезбеди баланс во посебните информативни емисии за изборите

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) бара од медиумите да обезбедат баланс во посебните информативни емисии за предвремените парламентарни избори и апелира до учесниците во изборната кампања да учествуваат во посебните информативни емисии зашто тие се еден од начините како граѓаните директно да се информираат за нивните изборни програми и да ја споредат понудата.

До Агенцијата, како што велат од АВМУ, вчера пристигнала претставка од Демократската унија за интеграции – ДУИ во која реагира на организирањето дебатни емисии на програмите на медиумите по што веднаш направиле увид во податоците од мониторингот на досегашното изборно медиумско претставување.

-Досегашниот мониторинг покажува дека има радиодифузери кои треба да вложат дополнителен напор и да ги поканат сите субјекти со ист број на листи за да обезбедат баланс во дебатите до крајот на кампањата. Од друга страна, има случаи во кои учесниците во изборната кампања одбиваат да учествуваат во дебатни емисии на некои медиуми. Радиодифузерите ова треба да го соопштат во емисијата и воедно, треба да внимаваат колку пати ќе ја репризираат дебатата за да не создадат дисбаланс, порачуваат од АВМУ.

Радиодифузерите, додават, доколку одлучат да емитуваат дебати и други видови посебни информативни емисии (соочувања, интервјуа, актуелно – информативни емисии, специјализирани емисии итн.), треба да обезбедат подеднаков пристап и правичност, избалансираност и непристрасност.

-Во овие емисии, балансот, се постигнува со почитување на принципот на пропорционалност според бројот на потврдени кандидатски листи, што значи дека радиодифузерите се должни да ги канат сите учесници коишто имаат ист број на листи со потврдени кандидати, без оглед дали станува збор за парламентарни или вонпарламентарни субјекти, и без оглед на јазикот на кој ја емитуваат програмата. За форматот на овие емисии – соочување (меѓу двајца) или дебатa (меѓу повеќемина), одлучуваат самите радиодифузери во согласност со својата независна уредувачка политика, потсетуваат од АВМУ.

Оценката дали се исполнети овие обврски, потенцираат, се извлекува по завршување на кампањата, не за секоја поединечна емисија, туку за серијата интервјуа, дебатни емисии или соочувања што радиодифузерот ќе ги организира во текот на изборната кампања.

Коронавирус