сабота, 7. декември 2019. Вести денес: 0
home Вести

Асоцијацијата на дадилки бара најостра казна за дадилката што го тепаше двегодишното дете

Асоцијацијата на дадилки бара најостра казна за дадилката што го тепаше двегодишното дете

Македонската асоцијација на дадилки најостро го осуди однесувањето на дадилката која тепаше двегодишно дете во игротеката на „Дежаву“ во скопски Аеродром. Бара најостра казна за дадилката и надлежните органи да ги преземат сите расположливи правни средства за казнување на ваквиот чин.

– Ги охрабруваме родителите да соберат сила во овој тежок момент и да се борат најсилно што можат за правото на нивното дете. Нашиот тим им стои на располагање на родителите доколку имаат потреба од поддршка, било правна, било во санирање на последиците од настанот, велат од Асоцијацијата.

Оттаму наведуваат дека поради ваквите случаи сите дадилки, негувателки и воспитувачки се ставени во положба на сомнеж, а родителите се плашат да ангажираат дадилки.

Ваквата состојба, според Асоцијацијата, се должи на, како што се вели, долгогодишната анархија во областа на згрижувањето и негата на деца.

– Законот за заштита на деца е менуван неколку пати во изминативе две децении но сѐ уште не дава применливо и соодветно решение, особено во домашното згрижување на деца. Според последните измени на Законот за заштита на деца за работа како негувателка на деца во домашни услови доволно е кандидатот да има завршено средно образование ( и тоа било какво) за да полага за лиценца за негувателка. Полагањето за лиценца е полагање за дозвола за работа и ниту на еден начин не е доказ за знаење, вештини и компетенции на една личност. Точно е дека кандидатите доставуваат и уверение за здравствена состојба, но дали истото е меродавно за да потврди дека личноста ги исполнува условите за чување и нега на деца, прашуваат од Асоцијацијата.

Во тој контекст наведуваат пример со кандидатка за дадилка која се пријавила на обука во Асоцијацијата и која имала уредна медицинска документација, но од страна на менторите била оценета како личност која не ги исполнува условите за чување на деца.

– Истата личност не се стекна со диплома за „Негувателка на деца“, но во моментот има поднесено документација за полагање на лиценца при Министерство за труд и социјална политика. Бидејќи ги исполнува условите, оваа кандидатка утре ќе се стекне со лиценца и ќе работи со деца. Кој тогаш ќе ја сноси одговорноста? Ова е само еден од примерите со кој се соочуваме секојдневно во реалноста, наведуваат од Асоцијацијата.

Додаваат дека ова не е прв процесуиран случај на дадилка злоставувач и оти уште во 2015 година апелирале до надлежните органи дека казната за дадилката што го малтретираше деветмесечното бебе е ниска и дека треба да се унапредат законските одредби со кои ќе се зголемат критериумите и условите што треба да ги исполнува една личност за да ја врши оваа дејност.