среда, 21. август 2019. Вести денес: 85
home Вести

Арсовски: НАТО е стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ— Процесот за исполнување на условите е во голема мера заслуга на ВМРО-ДПМНЕ

Арсовски: НАТО е стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ— Процесот за исполнување на условите е во голема мера заслуга на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ го поздравува потпишувањето на пристапниот протокол за НАТО за Република Македонија. Ова е важен ден за Република Македонија и денес се завршува една неправда нанесена на државата од пред повеќе од 10 години. Влезот на Република Македонија во НАТО е долго очекуван и заслужен уште од 2008-тата година. Република Македонија уште на самитот во Букурешт ги имаше исполнето сите реформи и услови за полноправно членство, но за жал тогаш беше спречена да стане членка само поради противењето на Република Грција и нејзиниот проблем со нашето уставно име и идентитет, кои сега на штета на граѓаните и државата на непринципиелен начин беа сменети по нивна мера, изјави на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски кој додаде:

„Мораме да признаеме дека секој успех за Република Македонија и секој чекор напред за државата и граѓаните е причина за поздравување на истиот. НАТО е наша стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ и процесот за исполнување на условите е во голема мера заслуга на Владата на ВМРО-ДПМНЕ изминатите години која континуирано инвестираше во армијата и нејзините капацитети, преку многубројните учества во мисии и тоа не може да го негира никој.“

Арсовски потенцира дека на штета на граѓаните, останува чувство на горчина и понижување длабоко кај сите нас, од една болна причина што власта не се ни обиде да најде подобро решение на проблемот со името кое ќе биде балансирано и кое нема да ги погази сите македонски црвени линии, како што е случајот сега, односно решение кое нема да биде безусловно прифаќање на сите грчки уцени на недостоинствен и понижувачки начин за Република Македонија и граѓаните.

Според него Зоран Заев и владата тргуваа со идентитетот, јазикот и традицијата, нешта кои ни се оставени од претходните генерации и кои се темел на државниот и националниот карактер на Република Македонија.

-Зоран Заев и оваа ненародна и насилна власт се тие кои ја свиткаа кичмата на македонскиот народ и тоа ќе остане длабоко запечатено во колективната историја на македонскиот народ. Власта која веќе две години владее во Република Македонија, нема ниту еден успех, единствено бележи само неуспеси на сите полиња. Сепак на крајот на денот и после овој ден од потпишувањето на протоколот за влез во НАТО, кој како што реков е многу важен ден за граѓаните, животот на граѓаните нема да стане преку ноќ подобар. И понатаму ќе продолжат да цветаат корупцијата и криминалот, економијата и понатаму ќе продолжи да тоне, граѓаните понатака ќе бидат се посиромашни, пациентите и понатака за жал ќе умираат се повеќе и повеќе по болниците бидејќи не се грижат за здравството, безбедноста и понатака ќе биде под секакво ниво, подвлекува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

За крај, ВМРО-ДПМНЕ го повикува СДСМ и Владата да се охрабрат и да излезат на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Време е поразите и понижувањата да станат минато и конечно да дојде Влада која ќе работи за решавање на реалните и суштинските проблеми за граѓаните, додава Арсовски.