вторник, 1. декември 2020. Вести денес: 200
home Вести

Арсовски: Криминалците ги добија своите 5 минути – уште еден соработник на Заев доби пари од Фондот за иновации

Арсовски: Криминалците ги добија своите 5 минути – уште еден соработник на Заев  доби пари од Фондот за иновации

Нема крај на скандалозните имиња кои се поврзани со грантовите во вредност од 10.5 милиони евра доделени од Фондот за иновации. Зоран Заев застана во одбрана на неговите блиски соработници и партиски функционери кои добија грантови во вредност од 100 илјади евра од Фондот за иновации, пари на граѓаните. Кога станува збор за заташкување криминал Зоран Заев нема ниту срам ниту перде. На листата, покрај Анѓушев, Локвенец, снаата на Цветанка Ласкова, Претседателот на ОО Кавадарци, денес се приклучува и Александар Семенпеев, советник на СДСМ во Општина Богданци.

Ова денеска на прес конференција го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

-Александар Семенпеев од СДСМ кој заедно со својот татко се сопственици на печатницата „Софија“ ДООЕЛ Богданци, доби грант од Фондот за иновации во вредност од 1.058.541 денари. Да потенцираме дека печатницата „Софија“ ДООЕЛ Богданци во повеќе наврати има печатено рекламни материјали за СДСМ. Дали можеби со овој грант се расчистуваат некои претходни изборни долгови од СДСМ кон печатницата? Особено е чудно и несфатливо за јавноста во целата постапка како е можно баш сите овие функционери во СДСМ да добијат грантови за своите бизниси. Гордиот директор Деспотовски што со својот потпис поделил народни пари по фирми на функционери на СДСМ само го отсликува криминалното владеење на СДСМ и на овој картел на власт во Република Македонија, потенцира Арсовски.

Вели дека самото тоа што Заев ги брани функционерите што зеле народни пари за своите бизниси ја отсликува ситуацијата од каде ја црпат храброста за си делат народни пари помеѓу себе. Нормално, рече Арсовски, од нивниот ментор Зоран Заев кој што ги брани и ги штити.

-Јавното обвинителство не смее да фингира истрага туку мора сериозно да ги испита сомненијата за криминал со поделбата на грантови во вредност од 10,5 милиони евра. Секоја несериозност од страна на органите на прогонот ќе биде доказ дека тие се под сериозен притисок на власта за да го покријат овој огромен скандал кој што ја затресе јавноста. За жал гледаме дека на сите инволвирани не им фали влакно на главата. Сите се на функциите на кои што беа и може да ги покриваат трагите и да ги уништуваат доказите. Впрочем Заев застана зад нив и испрати сигнал каков исход очекува од истрагата. Надлежните во Јавното обвинителство треба да знаат дека намерните или ненамерни пропусти кои ќе бидат направени во истрагата, а кои може да придонесат за затварање на случајот без обвинение, ќе биде истражено, бидејќи нема граѓанин кој што не се сомнева дека криминалците ги добија своите 5 минути, а криминалот воопшто не се гони откако СДСМ е на власт, појасни Арсовски.

Потенцира дека граѓаните бараат одговори и на неколку прашања.

-Дали по отворањето на случајот во Јавното обвинителство се одземени телефони и компјутери на вмешаните во целиот скандал, за да се проверат сомнежите дека биле во меѓусебна комуникација или се оставени за да се избришат трагите? Дали и кој посредувал меѓу директорот на Фондот за иновации и компаниите во добивањето на грантовите? Дали се точни информациите кои кружат од блиски извори до раководството на Фондот за иновации, дека во повеќе наврати наназад со недели пред да се доделат грантовите, се сретнувале во одредени скопски кафеани и во канцелариите на Фондот, луѓе вработени во Фондот заедно со директорот и менаџментите на компаниите кои што ги добија дел од грантовите? Дали ова можеби е најголемиот грабеж на народен капитал кој преоѓа во рацете на олигарсите на СДСМ по примерот на криминалната приватизација?, праша Арсовски.

Вели оти граѓаните заслужуваат одговори на сите овие прашања, а исто така и очекуваат и одговорност од инволвираните во целиот скандал.

Коронавирус