среда, 27. јануари 2021. Вести денес: 147
home Вести

Апсурдите на Филипче, ги затвораат угостителските објекти, а трговските преполни со луѓе

Апсурдите на Филипче, ги затвораат угостителските објекти, а трговските преполни со луѓе

Зошто се носат мерки и препораки за заштита од корона вирусот во Македонија? Дали власта ги носи мерките колку да рече дека нешто работат или навистина се грижат за здравјето на граѓаните?

По се изгледа дека мерките се носат заради првата причина, колку да речат „еве имаме мерки“ без разлика дали се тие анализирани или дали се доволни. За тоа доказ е и вториов пик кој трае повеќе од 2 месеци, а за кој власта нема никаков план да го контролира и да го намали ширењето на инфекцијата.  Бројките на заразени секојдневно се околу 1.000 освен кога се тестира помалку, а смртноста и натаму една од највисоките во Европа, односно веќе долг период сме на високото седмо место по смртност во светот на еден милион жители.

Во една таква ситуација власта прогласи кризна состојба на која и поминаа 30 дена, а граѓаните не видоа ништо посебно и никаков ефект. Со тоа се потврдија и сомнежите дека истата е прогласена само заради злоупотреба на институциите и државните ресурси, а не за да се спасат животи.

Дека мерките кои ги носи владата по препорака на министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести, доказ се и најновите „празнични“ мерки и препораки. Имено, во пресрет на празниците решија да го скратат времето на угостителските објекти и тие да не смеат да работат после 18:00 часот, како и забранија собири и прослави на отворено, како и изнајмување на викендички за групи на луѓе, како не би се собирале поголеми групи наводно да не ја шират заразата.

Сепак, како и се досега, така и овие мерки се донесени без никаков план и стратегија односно колку да се рече дека нешто прават. доказ за тоа се глетките од трговските и градскиот плоштад последниве денови. Во ситуација кога ги затворија угостителските објекти каде постоеја јасни препораки и контроли колку луѓе може да влезат и да седат на една маса, за трговските тоа не важи. Трговските се наполнија со луѓе како и секоја година и како да нема пандемија. Нема никаква контрола контрола колку луѓе влегуваат, па затоа гужвите се страшни, ако се има предвид во каква ситуација се наоѓаме како држава.

И додека не убедуваат дека опасно е повеќе од 4 лица да се групираат, од друга страна се толерираат гужвите по трговските како таму да не постои опасност од ширење на заразата. Да не беше трагично ќе беше смешно дека угостителските објекти ги затворија да нема ширење на заразата, во исто време кога не реагираат за гужвите во трговските центри.

Но, трговските центри не се единствените места каде има гужви. Како наближија празниците плоштадот во Скопје секојдневно е полн со народ понесен од празничната атмосфера. И тоа е во ред кога народот во вакви тешки времиња бара трошка за радост, но гужвите се незамисливи и нема никаква контрола врз истите. Кога се сеќаваме дека минатата година истиот беше заграден со влез и излез, кога немаше пандемија, сега кога е пикот на корона вирусот нема никакви ограничувања.

Да биде можноста за штета и ширење на инфекцијата поголема илјадници граѓани од европските држави периодов пристигнаа во Македонија, но проблемот е што во државава се влегува без ПЦР тест, со што постои голема опасност дел од нив да ја шират заразата.

Оттаму необјасниви се мерките кои ги носат и секојдневните фалби дека се спроведуваат кога можеме да видиме дека при нивното носење не се разгледани сите опции и сите опасности од ширење на заразата и третиот бран кој се очекува после празниците. Опасностите се големи, но апсурдите на власта уште поголеми.

Коронавирус