четврток, 13. мај 2021. Вести денес: 123
home Вести

Април црн месец за Македонија: Неспособноста на Филипче резултираше со 1.022 починати лица за еден месец

Април црн месец за Македонија: Неспособноста на Филипче резултираше со 1.022 починати лица за еден месец

Дали мерките на министерот Венко Филипче со полициски час и затворање на угостителски објекти помогнаа во намалување на смртноста од КОВИД-19? Бројот на починати во месец април изнесува околу 1.022.

Од почеток на пандемијата КОВИД-19 до денес најмногу починати лица има во месец април. Во најголемиот пик во вториот бран за кој што предупредуваше министерот за здравство Венко Филипче во месец ноември имаше 769 починати лица. Зошто бројот на починати лица е најголем во месец април? Зошто мерките не го намалија бројот на починати лица?

Прашања на кои министерот за здравство Венко Филипче ниту еднаш не одговори, туку напротив велеше дека ситуацијата е под контрола и ги уверуваше граѓаните дека владините мерки за заштита од КОВИД-19 даваат резултати и стабилизација на ситуацијата.

„Овие сегашни мерки создадоа стабилизација, пикот се надевам нема да има измени, беше на први април, но сега се намалува“, истакна министерот за здравство Венко Филипче во изјава за медиуми на почеток на месец април.

Во текот на месец април секој ден имаше околу 30-40 починати лица. Дури на 07.04.2021 имаше починато 51 лице од корона вирусот.

Тој ден реагираше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ преку социјалните мрежи.

„51 лице починато поради корона, а Заев вели не чувствувал одговорност. А, ако не е ваша, чива е? Гробиштата се полни, душите празни. Оваа бројка ќе беше помала да имаше навреме вакцини. Но, провизиите им беа поважни. Оставка за мафијашката власт, а потоа одговорност и нормализација. Секој според заслуженото, за народот спокој и можности, за криминалците одговорност. Нема бегање“, напиша на социјалните мрежи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на 07.04.2021.

За бројот на починати лица министерот за здравство Венко Филипче дури ги уверуваше граѓаните дека и терапијата против КОВИД-19 на секого не помага и за тоа тој не е виновен. За зголемениот број на млади кои умираат иако немаат хронични болести, Филипче вели дека вакви случаи има и во Европа и дека кај дел од младите состојбата се влошува за неколку часа.

„За сите пациенти колегите прават сѐ, но има многу пациенти со тешка форма, со манифестација на белите дробови и крвта, каква колегите од пулмологија и инфективна медицина досега не виделе и кај нив нема одговор на терапијата“, вели министерот за здравство Венко Филипче во изјава за медиуми во месец април.

Во текот на месецот април поради зголемената смртност опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ имаше и протест пред Министерството за здравство, каде пратениците токму од оваа партија го обвинија министерот за здравство Венко Филипче за неодговорност и побараа да си поднесе оставка. Бидејќи бројот на починати од вирусот се станува се поалармантен.

Коронавирус