недела, 15. септември 2019. Вести денес: 76
home Вести

Апелација се очекува утре да ги соопшти одлуките за три жалби за притвор

Апелација се очекува утре да ги соопшти одлуките за три жалби за притвор

Апелацискиот суд денеска на јавна седница ги разгледуваше жалбите на дел од притворените за настаните на 27 април во Собранието, информираат од Апелацискиот суд во Скопје.

Расправа на јавна седница побараа актерот Владо Јовановски и осомничените Горан Ѓошевски, Мунир Пепиќ и Оливер Поповски.

Префрлање на актерот Владо Јовановски од притворското одделение во Шутка во домашен притвор е барање на вишиот јавен обвинител Јово Цветановски. Тој побара домашен притвор или поблага казна за Јовановски.

На јавната седница се разгледуваа уште две жалби – на полицаецот Оливер Поповски и на Горан Ѓошевски, кој бил лично обезбедување на поранениот собраниски спикер.

Одлуката на тричлениот судечки совет се очекува во текот на утрешниот ден.

Вишото јавно обвинителство смета дека мерката притвор е строга за актерот Јовановски. Со вакви ставови на јавната седница излегоа и адвокатите на Јовановски. Истакнаа дека станува збор за угледен човек кој меѓународно ја афирмирал македонската култура, кој нема намера да бега и да ја попречува истрагата, нема да го повтори делото или да влијае на сведоците.

Адвокатите на Ѓошевски и Поповски истакнаа дека станувало збор за професионалци, без дамки во работењето, семејни луѓе кои не правеле проблеми, поради што требало да им се овозможи да се бранат од слобода.

Обвинителот, пак, побара да се потврди одлуката на Кривичниот совет и на двајцата им се продолжи притворот.

На јавна седница пред Алепацискиот суд утре ќе аргументираат адвокатите на разузнавачот Мунир Пепиќ и поранешниот началник Душко Лазаров.

До Апелацискиот суд пристигнале 18 жалби против продлжување на притворите на осомничените за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, на 27 декември минатата година донесе одлука и го прифати предлогот на Обвинителството за организиран криминал и на 23 осомничени им го продолжи притворот за уште 30 дена, а на шест мерката куќен притвор.

Меѓу нив се и поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, како и Борис Дамовски, Игор Дурловски, Богдан Илиевски од „За заедничка Македонија“.