вторник, 12. ноември 2019. Вести денес: 87
home Вести

Апел до граѓаните: Градежниот отпад да не се исфрла во контејнерите

Апел до граѓаните: Градежниот отпад да не се исфрла во контејнерите

Во текот на вчерашниот ден, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје отстранија десет вреќи со градежен отпад исфрлени во контејнерите на улицата Лондонска, во скопската општина Карпош.

ЈП „Комунална хигиена“ –Скопје ги информира граѓаните дека отпадот којшто се создава при извршувањето на градежните активности или реновирањето на нивните живеалишта, не смеат да го одлагаат во садовите за отпад поставени на јавни површини.  Овој вид на отпад може трајно да ги оштети специјалните комунални возила и со тоа да предизвика значителна финансиска штета на Претпријатието, како и проблеми при собирањето и  транспортот на комуналниот отпад во градот.

Садовите поставени од страна на ЈП „Комунална хигиена“ –Скопје, без разлика дали станува збор за надземни или подземни контејнери, канти или корпи за отпадоци, се наменети исклучиво за одлагање на комунален отпад.

Апелираме до граѓаните совесно да постапуваат со својот градежен отпад, истиот да не го исфрлаат ниту на јавните површини, затоа што на тој начин се создаваат диви депонии коишто ја загадуваат животната околина. Според Законот за јавна чистота, граѓаните на Скопје се должни градежниот отпад да го одложат директно во депонијата „Дрисла“.