четврток, 21. јануари 2021. Вести денес: 38
home Вести

Апарат кој го олеснува дишењето кај предвремено родените бебиња доби Детската клиника

Апарат кој го олеснува дишењето кај предвремено родените бебиња доби Детската клиника

Опрема за реанимација со неинвазивна респираторна поддршка, наменета за предвремено родени деца, односно доенчиња кај кои е потребно подобрување на волуменот на белите дробови, доби денеска Универзитетската клиника за детски болести.

Станува збор за донација добиена со поддршка од Германската амбасада и проектот Хопе.

По повод донацијата, министерот за здравство Венко Филипче и германскиот амбасадор Томас Герберих денеска го посетија Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката.

Министерот Филипче му се заблагодари на амбасадорот за поддршката која ја даваат за проектот ПериМак, кој, како што рече, е еден од приоритетните проекти, а се однесува на намалувањето на новороденечката смртност. Посочи дека станува збор за донација на посебен апарат со кој се олеснува дишењето пред се кај предвремено родените бебиња, но и кај доенчињата на кои им е потребна ваков вид поддршка.

– Со овој проект значајно се подобруваат капацитетите, но и потенцијалите на нашите јавни здравствени установи посебно во сферата на неонатологијата. Се надевам дека ова е почеток на една значајна соработка со Германската амбасада и продолжување на проектот кој почна како соработка меѓу Министерството за здравство и Фондацијата проект Хопе, додаде Филипче.

Амбасадорот Герберих истакна дека голема чест и задоволство му е што со средствата од малите проекти на Германската амбасада имале можност да се вклучат во еден проект со кој го поддржале Одделот за интензивна нега и терапија на Детската клиника.

– Ова е уште еден знак дека Македонија и Германија имаат многу добра соработка и на овој начин сакаме да покажеме дека не водиме само голема политика, туку помагаме конкретно на места каде што тоа е потребно, додаде Герберих.

Директорката на Клиниката за детски болести, Катарина Ставриќ се заблагодари за донацијата и посочи дека пријателството со Германската амбасада е постојано. Изрази надеж дека соработката ќе продолжи и понатаму.

– На Одделот за интензивна нега и терапија има 16 деца, а најмалото родено во 28 гестациска недела има 450 грама и навистина е голем успех и на овие предвремено родени да им дадеме шанса да преживеат. Станува збор за близначка бременост, едното дете веќе е горе на Одделот, а второт се уште има потреба од поддршка, додаде Ставриќ.

МИА

Коронавирус