недела, 20. септември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Антовски: Хаварија во РЕК Битола поради неодговорноста и неспособноста на власта

Антовски: Хаварија во РЕК Битола поради неодговорноста и неспособноста на власта

Јавноста вчера беше информирана дека во РЕК Битола се случила хаварија и дека во прекин е транспортот на јаглен од рудникот Суводол до РЕК БИТОЛА поради дождовите. Ова е само уште еден показател дека енергетиката не страда од природни непогоди, туку од непогодата наречена неодговорно и нестручно работење на власта. Тие постојано бараат изговори и виновници за своите неуспеси. Еднаш тоа е опозицијата, друг пат тоа е дождот, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Стевче Атновски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Јавноста треба да знае дека поради немање на доволни количини на јаглен уште од 18 јули 2020 година РЕК Битола работи само со еден блок, а според плановите од 15 јули требаше да работат сите три блока. Најголемиот багер за ископ на јаглен повеќе од еден месец е надвор од функција бидејќи е потопен и заглавен во кал, уште пред да се случат вчерашните поројни дождови. За сето ова ВМРО-ДПМНЕ неколку пати ја известуваше јавноста во месец април, мај и јуни. Додека ние ја известувавме јавноста дека најголемиот багер е потопен во вода уште од април, СДСМ се грижеше само како да го спроведе предизборниот поткуп на граѓаните за да може на незаконски начин да ги добие изборите и да не одговара за овие злодела на државниот имот. Исто така и останатите рударски постројки се во неизвесна состојба. Дополнително, поради лошиот квалитет на јагленот се трошат огромни количини на мазут, со што значително се зголемуваат трошоците за производство на електрична енергија. Со ова се загрозува енергетскиот систем во Македонија. Патем, наместо санирање на ваквите состојби ЕЛЕМ и РЕК Битола набавуваат минерална вода во износ од 3 милиони денари, за потоа без срам да бараат и поскапување на струјата во износ од 7,5%. Додека Власта на Заев е заинтересирана повеќе за тоа како да направи некој милионски скандалозен тендер, како непотистички да ги полни енергетските компании со скапо платени вработувања, како да набавува вода наместо механизација, до тогаш ќе ни се случуваат поскапувања на струјата и хаварии во нашите енергетски компании, вели Антовски.

Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ подолго време ја алармира јавноста за погубните политики на „шампионите” во Енергетскиот сектор, посебно за состојбата во РЕК Битола.

-Доколку и понатаму со РЕК Битола продолжи да менаџира актуелното раководство на Електрани на Македонија, во претстојната грејна сезона ќе се соочиме со далеку подраматични и покомплексни состојби кои може да предизвикаат и целосен колапс во производството на електрична енергија во комбинатот. Исто така ВМРО-ДПМНЕ како одговорен политички субјект кој работи посветено во интерес на граѓаните на Македонија  ја информира македонската јавност дека една од причините за намалената добивка на ЕЛЕМ не се должи на пандемијата на коронавирусот, туку неможноста да ги обезбеди потребните количини на јаглен за производство на електрична енергија. Згора на сẻ, висината на цената по која АД ЕЛЕМ ја продава својата енергија на ЕВН ХОМЕ, празнењето на акумулациите на хидроцентралите, непотребните партиски вработувања со нестручен кадар, негрижата за објектите во РЕК Битола кои се во целост во сопственост на граѓаните на Македонија, направија овој гигант да се соочува со колапс, а сето тоа  резултираше со поскапување на цената на електричната енергија. Затоа им порачуваме: енергетиката не се гради преку ноќ, но може лесно да се уништи преку ноќ, а за жал СДСМ се „експерти“ во уништување!, вели Антовски.

Коронавирус