Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги провери сите наводи во случајот со министерката Нина Ангеловска и нејзиното повлекување пари од банкротираната Еуростандард банка, велат од Антикорупциската комисија за Плусинфо, а на прашање дали ќе отворат истрага и предмет, откако се појавија информации дека Ангеловска не ги пријавила на време во анкетниот лист станот што го купила, а и дел од парите што ѝ биле депонирани во банката.
– Откако ќе бидат направени детални проверки, и тоа како прво дали има судир на интереси во случајот и како министерката во заминување ја пријавувала имотната состојба, ќе ја инфоририраме јавноста дали ќе отвориме предмет – велат од Антикорупциската комисија.
Според Антикорупциската комисија, министерката лани во септември во првиот анкетен лист пријавила 250.000 евра во Еуростандард банка, а во јануари годинава се случила промена во нејзиниот анкетен лист кога таа пријавила дека повлекла околу 130.000 евра за купување удели во инвестициски фонд. После пет месеци од првата промена, на 24 јуни годинава, министерката пријавила дека повлекла девизи и денари со кои купила стан. Станот е пријавен во анкетниот лист, но портпаролот на ВМРО-ДПНЕ Димче Арсовски вчера излезе со тврдење дека Ангеловска ги пријавила станот и дел од девизите дури откако тој открил во јавноста документи дека Ангеловска купила стан, а не го пријавила.