петок, 22. ноември 2019. Вести денес: 160
home Вести

„Антико“: Жените се со само четири отсто застапени во централните дневни вести, а мажите со 96 отсто

„Антико“: Жените се со само четири отсто застапени во централните дневни вести, а мажите со 96 отсто

Родово сензибилизирање на новинарите и новинарките, особено во делот на наративното презентирање како и во делот на застапување на теми директно поврзани со родовите прашања, воведување на политики во новинарските куќи за подеднаква застапеност на соговорници и соговорнички, односно експерти и експертки во нивните медиумски прилози, ревизија на стилот и начинот на водење на забавните емисии и анализа на родовата сензитивност на содржините кои ќе бидат презентирани во емисијата, препорачуваат од Женската граѓанска иницијатива „Антико“, кои спроведоа истражување за родовото балансирано известување во медиумите „Зошто е потребно и каква е моменталната состојба“.

Од истражувањето е дојдено до заклучок дека застапеноста на мажите, како уредници на информативна програма на телевизиите е 71 процент, во споредба со жените, кои се застапени со 29 проценти.

– Визуелната застапеност на ниво на централни дневни вести, на мажите е 96 отсто, додека на жените е четири проценти. Во централните изданија на вестите мажите соговорници се застапени со 76 проценти, додека жените соговорнички се застапени 24 проценти, наведоа од „Антико“, повикувајќи се на резултатите добиени од истражувањето.

Нагласија дека родовите теми и прашања не биле директно таргетирани во ниту еден новинарски прилог од централните дневни вести, посочувајќи оти тоа иницира дека тие прашања релативно ретко се во фокусот на централните дневни вести на телевизиите.

– Во централните дневни вести особено забележливо е именувањето на функциите во машки род, без разлика дали носителите на тие функции се мажи или жени, истакнаа од „Антико“.

Во однос на забавните емисии, забележале дека е значителна разликата во визуелизацијата на мажите и жените, како и дека говорот кој го употребуваат водителите и соговорниците во забавните програми е генерално неформален и полн со стереотипи и дискриминирачки изрази.

– Сексуалната објективизација на женското тело во медиумите и употребата на сексистички изрази во говорот на новинарот особено многу го охрабруваат дискриминаторското и стереотипното однесување во општеството, заклучија од „Антико“.