среда, 29. јануари 2020. Вести денес: 127
home Вести

Анкета на детектор: Граѓаните со проодна оценка за образовниот систем во Mакедонија

Анкета на детектор: Граѓаните со проодна оценка за образовниот систем во Mакедонија

Граѓаните на Република Македонија му дадоа само проодна оценка на образониот систем, покажуваат резултатите од последното истражување на јавното мислење на Детектор.

Најслаба оценка од граѓаните добило средното образование, со средна оценка 2,79. Нешто подобро поминало високото образование кое е оценето со средна оценка 2,84, а 2,85 е средната оценка која граѓаните му ја дале на основното образование.

Во споредба со последната анкета од во мај годинава, се бележи намалување на средната оценка за квалитетот на образованието.

Сепак, 51,6% од анкетираните велат дека генерално не се задоволни од квалитетот на образованието додека 44,8% велат дека во Македонија има квалитетно образование. Споредено со минатото истражување има промени, бидејќи тогаш 49,2 отсто од граѓаните беа задоволни од образованието, а 46,3 проценти не.

54,4% велат дека не се задоволни од квалитетот на учебниците, додека 23,6% се на став дека учебниците се квалитетни. 45,7% од анкетираните велат дека наставниот кадар не е квалитетен додека 34,1% сметаат дека во Македонија има квалитетни наставници.

На прашањето каков е квалитетот на образовниот процес во Македонија во споредба со земјите од регионот, 40,1% одговорија дека е полош, 29,8% дека е сличен, додека 10,4% оценија дека имаме подобар образовен систем од земјите во регионот.

Анкетата која за Детектор ја направи Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 16 до 19 ноември врз репрезентативен примерок од 1116 испитаници.