сабота, 25. септември 2021. Вести денес: 110
home Вести

Андоновска: Филипче со своите изјави создава само паника меѓу граѓаните

Андоновска: Филипче со своите изјави создава само паника меѓу граѓаните

Ситуацијата со корона вирусот му излегува од контрола на министерот за здравство, Венко Филипче. Наместо смирување на населението и превенција, Филипче со своите изјави создава само несигурност и паника меѓу граѓаните. Остануваат многу дилеми меѓу населението, а Филипче не прави ништо по тоа прашање, изјави на прес конференција Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ која запраша:

„Министре, нејасно е зошто се обидувате да релативизирате, наместо уште при првата појава на вирусот во Кина, да се подготвите сериозно и да се организирате, како што тоа го прават сите останати држави? Филипче вели дека има основи материјали, како маски, средства за дезинфекција, но сите луѓе се жалат. Овие основни работи како средства за дезинфекција на раце и соодветни маски кои треба да ги има вообичаено во и пред секоја здравствена установа и кои тој е лично должен да ги обезбеди, ги нема ниту сега?! Зошто министре? Зошто велите дека има, кога нема?“

-Зошто не се грижите да се набават овие основни средства да ги имаат сите од примарното здравство, матичните лекари па се до терциерното здравство, и болниците? Зошто сите лица кои работат на граничните премини немаат опрема за заштита? Како ќе се спроведува дезинфекцијата на јавните места како здравствени установи, јавен градски превоз и слично? Имате ли министре, евиденција колку лица влегле во државава од најзафатените подрачја со корона вирус преку граничните премини и аеродромите и зошто немате контрола на истите? Има уште многу прашања, но да почнеме од она што требаше да се знае и да биде уште одамна организирано, потенцираше Андоновска која подвлече:

„Да имаше контрола на границите сега ќе немаше толку страв и паника кај граѓаните, а надлежните ќе имаа помалку работа. Превенцијата е и поевтина, од лечењето! Одговори и одговорност треба да има зошто немало контрола на границата, и за тоа одговорен е токму министерот Филипче! Филипче потфрли со организација! На сета неорганизираност ќе се стави крај на 12-ти април.“

Коронавирус