четврток, 22. април 2021. Вести денес: 0
home Вести

Андоновска: Филипче не најде начин да има лекови кои живот значат, како познатиот Клексан, ама  најде начин драстично да ги зголеми цените

Андоновска: Филипче не најде начин да има лекови кои живот значат, како познатиот Клексан, ама  најде начин драстично да ги зголеми цените

Додека другите земји, го организираа и прилагодија здравствениот систем на потребите на граѓаните, изградија болници, ангажираа дополнителен медицински персонал, спроведуваат вакцинација од декември минатата година, во Македонија не само што нема вакцини, туку кадарот е изморен, болните од другите градови во Македонија се препраќаат во Скопје сами да се снајдат и да си обезбедат место во болниците и згора на тоа граѓаните не можат или едвај набавуваат основна терапија, ова денеска преку прес-конференција го истакна Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

-За основен лек кој не е потребен само за болните од корона, туку и за трудници и останати лица кои имаат проблеми со циркулација, ем нема лек, ем ако го најдете ќе го преплатите неколку пати повеќе. Така државата, или министерот за здравство Венко Филипче преку Фондот за здравство, не најдоа начин да има доволно количини на антикоагулати, лекови кои помагаат да не дојде до згрутчување на крвта и создавање на тромб, ама затоа најдоа начин како да ги зголемат цените. Колку за илустрација, цената на познатиот антикоагулант Клексан се движеше од 175 до 182 денари, а сега се движи од 255 до 270 денари. Но, Фондот ќе ви врати само 101 денар. Или цената за 10 фраксипарини од 0,6 во аптека се плаќа 2.675 денари, а Фондот враќа за тоа 1.509 денари минус партиципација 240 денари. Значи за 10 фраксипарини купени во аптека за цена од 2.675 денари, Фондот враќа само 1.269 денари. Или не враќа ниту 50 проценти, вели Андоновска.

Таа додава дека иако цената на лекот е зголемена, Фондот не ја зголемува сумата која треба да им ја врати на граѓаните.

-Ова е направено со дозвола од министерството за здравство на 10-ти ноември минатата година. Сумата која Фондот ја враќа не е сменета од 2014-та година. Кога има вакви поместувања на цените на пазарот, мора да се прилагоди и сумата која ја враќа Фондот на граѓаните. Од сето ова се гледа дека надлежните спијат. Филипче дава налози за повисоки цени и заедно со Фондот ги пљачка граѓаните во време пандемија. Министре затоа јавно ве повикуваме прекинете да ги товарите граѓаните со давачки. Министре ставете го и антикоагулантот Ксарелто на позитивна листа, а за веќе споменатите  Клексан и Фраксипарин, направете  реално да бидат на позитивна листа, а не граѓаните да плаќаат повеќе од 50 проценти од цената, тоа не е позитивна листа. Адаптирајте го здравствениот систем согласно барањата и реалните потреби на народот, а не согласно вашите лични потреби и пиар, вели Андоновска.

Коронавирус