сабота, 19. јуни 2021. Вести денес: 47
home Вести

Анализа: Просјаците од „Илинденска“ бр.2

Анализа: Просјаците од „Илинденска“ бр.2

Цела година светот живее во страв од коронавирусот кој започна во Вухан, а нема држава која не беше погодена.

Затворени граници, карантин, полициски час, милиони заразени и многу починати од овој вирус, кој драстично го промени животот на сите.

За прв пат најмоќните во светот се покажаа како најслаби. За прв пат најмоќните во светот креваа раменици, стравот им се гледаше во очи!

На овој вирус не бевме имуни ниту ние Македонците. Вирусот за прв пат во државата влезе на 26 февруари, „го увезовме“ од Италија. Почнавме добро, навидум изгледаше дека сме подготвени да се справиме со вирусот.

Потезите на владата да воведат карантин и полициски час на 50 заразени, на народот му влеа некаква надеж дека работите тргнале на подобро. Имаше противење од одредени целни групи, но не беа оправдани.

И кога сите помисливме дека работите тргнаа „од мртва“ точка, дојде празникот Рамазан Бајрам, власта подклекна, ситуацијата од тој момент стана алармантна, а Македонија денес е на црните топ листи за коронавирус.

Работите во летниот период спласнаа, но се случи затишје пред бура. Бурата наречена „втор бран“ коронавирус почна од октомври, земја со неполни 2 милиони жители на дневна основа имаше по 1400-1500 новозаразени, болниците се полнеа, народот се исплаши, а македонските власти ноншалантно се однесуваа.

Секојдневно одржуваа по 10 прес-конфереции, не се симнуваа од тв екраните, ПР-от беше пуштен на најјако и од еднаш тоа се сведе на едно соопштение дневно.

Но, дојде ред и на вакцините. Моќните држави со месеци работеа на вакцината, СЗО почна да ги одобрува, а светот да ги набавува и да го вакцинира народот, но Македонија падна во зимски сон.

Израел, Велика Британија, САД, Србија… масовно почна да го заштитува населението од смртносниот вирус. Израел успеа да набави милиони вакцини, пристигнаа на аеродромот во Тел Авив за рекордно време, за една недела Израел вакцинираше 25 проценти од своето население, Србија, нашиот северен сосед, земја која не е членка на НАТО и ЕУ, успеа да набави 6 милиони вакцини, а до сега вакцинираше 500.000 граѓани.

На што се должи ваквата неспособност на македонските власти?

Додека светот преговараше и договараше со фармацевтите за да добијат што е можно повеќе дози од вакцина против коронавирусот, нашите власти тераа избори, градоначалник во Штип беше поважен од вакцините против вирусот.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ на една прес-конференција кажа дека Србија од октомври воспоставила контакти со сите производители на вакцината, а тоа се виде и со масовната вакцинација на населението, во Србија пристигнуваат стотици илјади вакцини од сите производители, а Македонија се уште ја чека милостината која ни ја понудија, бидејќи како што стојат работите, со директните преговори тешко иде.

Прво требаше Грција да набави за нас вакцини, па потоа Бугарија, а на крај стигна абер и од Србија. Денес Македонија успеа да набави само фрижидери за чување на вакцините кои некогаш ќе стигнат.

Со ваквата ситуација во која сме сега, државата ни наликува на просјак кој моли за парче леб за да преживее, бидејќи без вакцината црно ни се пишува!

Државата во моментов е доведена да ги моли соседите за неколку вакцини, да се смилуваат и да одвојат за да можеме да ги вакцинираме оние кои се најизложени на вирусот, лекарите!

Додека земјите лобираа, ние паднавме во длабок сон, додека лидерите ширум светот „гризеа“ за доза повеќе од вакцината, нашите возеа мотори по скопските улици.

Тргнавме добро, ќе завршиме катастрофално, власта не успеа да покаже дека сме зрели и способни да го заштитиме сопствениот народ.

ЕУРО 2020

Македонија