среда, 2. декември 2020. Вести денес: 52
home Вести

Анализа: На што се должи кочијашкиот вокабулар на Катица Јанева?

Анализа: На што се должи кочијашкиот вокабулар на Катица Јанева?

Главна тема во македонските медиуми деновиве повторно е Катица Јанева, овојпат со нејзиниот непристоен и кочијашки вокабулар во судницата за „Рекет.“ Реално, откако е на позицијата во СЈО и по неа, таа постојано и е во фокусот на истата таа јавност. Секако, од различни причини, но никогаш позитивни.

Ако се сеќавате, нејзиното назначување беше резултат на една рововска партиска битка во Пржино.

Вистината, според познавачите, е дека таа дојде како „компромисно“ решение во кое двата субјекти во преговорите (СДСМ на Заев и тогашното ВМРО-ДПМНЕ) најдоа свој интерес. Првите, во Јанева видоа објект кој ќе ги исполни сите нивни барања, токму поради нејзината повеќе од слаба биографија и просек од 6,2 на факултет.

 

Тогашното ВМРО-ДПМНЕ, пак, веројатно во Јанева увиде помала опасност од нејзините контракандидати како Калајџиев и редица други извикани имиња, кои навредени по нејзиниот избор удрија да кудат и да ја ругаат  тогаш опозициската СДСМ.

Проблемот е што Јанева, реално, ги извиси очекувањата на двете страни. Очебијно е дека слушала се’ што и е кажано од екс Бихаќка, па затвори или се обиде да затвори половина од екс раководството на ВМРО-ДПМНЕ, покажувајќи им токму на ВМРО дека направиле лоша пресметка со согласноста за човек без кариера и име. Веројатно, еден Калајџиев или кој било друг правен експерт, макар бил и партиски обоен, не би одел до таму поради својот личен професионален кредибилитет, т.е. не би станал гол партиски ивршител како што стана Јанева.

Другата страна, СДСМ, исто така сериозно згреши во очекувањата со изборот на Јанева. Да, факт е дека исполни се‘ што побараа, но очигледно никој во СДСМ не сметаше на контраефектот кој таа го направи со Боки 13, Рекет, лепливите раце и вистинското лице кое најдобро го покажува деновиве.

Само за потсетување, стартот на Јанева не навестуваше дека ќе биде хард-кор филијала на СДСМ. Токму затоа, за да ја „оправат“ и поттикнат дел од  медиумските јуришници на партијата стартуваа со жалопојќите и насловите „Като мори душманке.“

За жал на многумина, тоа траеше многу кратко. Јанева набргу навлезе во филмот на екс Бихаќка и експресно стартуваше со случаите на „Т“, сите почнувајќи на иста буква за една и единствена цел – генерализација во создавањето фама за „криминалите“ и „криминогеноста“ на екс раководството на ВМРО-ДПМНЕ, ударна каписла во кампањата на СДСМ, терен кој преку своите НВО-а и „професионални“ медиуми, партијата го подготвуваше со години.

Сето тоа паралелно поткрепено и со другите кампањски грдо спакувани памфлети за „убиството“ на Младенов, улогата на ВМРО-ДПМНЕ во убистовото на Нешковски, Тамара, Монструм и редица други хорор прикаски на „Фабрика 2“ кои сега испаднаа тотална невистина и класична лажна вест, конструирани најверојатно во подрумот на Чаушот, поставени веднаш до полицата за квазиаферата „лажни лични карти.“

Вистинското лице, Јанева првпат го покажа на интервјуто за МТВ, нејзиното прво медиумско пројавување, кое изобилуваше со лоши монтажи и проѕирно читање одговори. Овој „проблесок“ на Катица покажа со кого, всушност, граѓаните си имаат работа. Симптоматично, но еден од нејзините најголеми обожаватели и бранители по катастрофалното интервју, давајќи и изјави за медиумите, уште тогаш беше токму Боки 13, само тогаш со двојно поголема килажа и без липосукции, но тројно полесен за парите подоцна добиени од Рекет.

Следуваше и нејзината афера со субвенциите за непосејаните смокви во гевгелиско.

Нејзиното СЈО набргу потоа се забревта, стартуваше со полна пара и буквално „штанцаше“ случаи, сите против тогашната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ , а медиумска поддршка добиваа од челниците на СДСМ кои постојано ја фалеа и величаа, паралелно со „професионалните и независни“ медиуми под капата на Сорос, кои ги глорифицираа специјалните обвинителки, ги правеа Чарлиеви ангели и што ли не. Вистината, сепак, беше дека Катица како поддршка на Заев, заедно со него го управуваше кормилото на вистинскиот, антинационален Титаник, упатен кон „сантата лед“ наречена промена на името, устав, историја и двојазичност.

Параинституцијата СЈО имаше една и единствена намена, потенцираа уште тогаш дел од познавачите – руинирање на рејтингот и кредибилитетот на тогашното ВМРО и давање „ветер во едра“ на тогаш опозициската партија, кој и покрај Јанева и шарената дееволуција, не успеја да победи на парламентарните избори во 2016-та година. Не е за занемарување ни моментот што СДСМ во истата таа 2016-та успеја три пати да ги одложи изборите и која како опозиција што сака да оди на избори, парадоксално бегаше од нив.

Крешчендото на своите дејствувања како институција која го урна правниот систем на државата, која некогаш пред Заев се викаше Македонија, СЈО го доби со стартот на владеењето на СДСМ, кои по местенката на 27 април и неуставното назначување на спикерот Џафери, добија одврзани раце за разнебитување на националните вредности.

Во целиот тек на антимакедонското дејствување на СДСМ, СЈО на Јанева служеше како силна поддршка на власта со пропагандата насочена секогаш контра спротивниот политички табор.

Клучна улога СЈО одигра токму при промената на Уставот, кога, пред очите на целата јавност, буквално амнестираше тројца инволвирани во нивните случаи, пратеници од опозицијата кои потоа „случајно“ во последен момент се преомислија и гласаа за промена на Уставот и името на државата.

Токму сега излегува дека Јанева се заложувала за Сашо Василевски, еден од нив, па ургирала да не се „замрзнува“ неговиот стан, претставувајќи го притоа како пријателка?!

Во меѓувреме, Катица Јанева сериозно работела со „бомбите“ на Заев. Само што тоа „сериозното“ го правела со Бојан Јовановски, алијас Боки 13 работодавач на нејзиниот син Лазар, директор во 1ТВ, а паралелно со Рекетот наоѓала време и за вршење на партиската задача во СЈО.

Истрагата за „Рекет“ во кој таа е главен соиграч на сопственикот на некогаш најсоцијалдемократски обоената 1ТВ, штотуку вистински се отвора, а првите посериозни наводи за карактерот на СЈО и Јанева ги даде обвинителката Лиле Стефанова, која пред само една година беше јавно давана како поим за професионалец од самата Јанева.

Кажаното на рочиштетот на „Рекет“, кое очигледно неслучајно два пати се одложуваше поради наводна болест на адвокатите на Јанева, почна да ја отвора сериозно криминалната и скандалозна приказна за СЈО, јавна тајна за која сите се сомневаа, но сега имаме и директни докази и сведоштва за истата од луѓе директно инволвирани во тамошните местенки, уцени и рекет. Ова беше вистинска „трета мајка“ на рочиштето за Јанева.

Епилогот на сведочењето на довчерашниот „професионалец“ Стефанова се зборовите „Гомнарке, ороспијо една!“ произлезени од устата на Јанева, вокабулар не толку неочекуван од неа колку непригоден за лик кој, демек, требаше да ја донесе правдата во Македонија.

Демистификацијата на Јанева и СЈО продолжи и со сведочењето на обвинителот Рустеми, кој ги потврди ургенциите и непримерните потези  на „обвинителката“  Јанева.

Она што ја заинтригира јавноста е нагло пројавената нервоза на Јанева, која успешно ја криеше својата мака, а вчера употреби малтене кочијашки речник и народски кажано излезе од кожа среде судница.

Причините за ваквата трансформација на специјалната Јанева е  повеќе од едноставна, ценат аналитичарите. Проценката е дека како ќе наближуваат изборите, така ќе се зголемува и нејзината нервоза, симултано со растот на нервозата во нејзината партија.

Случајот „Рекет“ сигурно нема да заврши до 12.март 2020.година, а тој факт сигурно ги поматува сметките и душевниот мир на Јанева, која сега и покрај сериозноста на нејзините обвиненија е во домашен притвор.

Се’ поизвесната промена на власта на 12. април претпоставува и олабавување на сегашниот, очигледен притисок на Кацарска судството, а со тоа и тргање на рацете на СДСМ од обвинителството. Едноставно, партијата нема да биде на власт и како опозиција не ќе може да ги користи сега добро востановените спреги и алатки за притисок врз третата власт во државата.

Јанева, колку и да не се разбира од правото, знае дека со промена на власта од претходно наведените причини, ќе мора да доживее регуларен процес во кој нема да има повластици како досегашните експоненти на СДСМ. Примерите со Курто Дудудш и патетичната пресуда со опомена за тепање сограѓанин и смешната казна за градоначалникот на СДСМ од Ново Село, фатен во шверц на цигари се доволен показател за начинот на кој дејствува Кацарска судството во Макеоднија. Кацарска, онаа истата која според сведочењето на Стефанова, вршела притисок и ургирала во СЈО, нема да биде истата Кацарска по 12.април. Ни Рускоска, која вчера „случајно“ не го водеше Рекет со сведочењето на Стефанова, најверојатно, нема да биде во сегашната „топ“ форма.

Затоа, нервозата на Катица Јанева и кочијашкиот вокабулар се повеќе од оправдани, ценат познавачите на состојбите. А нејзината состојба ја споделувале многу валкани експоненти на власта, шушкаат по кулоарите. Велат, во моментот на екс Бихаќка владеел чуден „опозициски“ вирус кој ги потемнил ликовите на засегнатите во партијата.

Проблемот е што по изборите, многумина ќе мораат да се соочат со правдата, чија рака е спора, но долга и секогаш ги достига засегнатите кои ја прекршиле.

Коронавирус