сабота, 5. декември 2020. Вести денес: 27
home Вести

Анализа на проф. д-р Никита Шекутковски: За наставата во вонредни услови

Анализа на проф. д-р Никита Шекутковски: За наставата во вонредни услови

Во настанатите вонредни услови се обидуваме наставата да ја спроведуваме на сите нивоа: основно, средно и високо образование.

Како еден од најпогодните медиуми е телевизијата. На овој медиум оди редовно ТВ Училница на МРТ1 со предавања за основно образование.

Сепак, не треба дадената ситуација да се користи за истерување на некои свои замисли за наставата. Треба да се следи наставната програма и учебникот.

Како пример ќе го наведам предавањето за четириаголници од 16.4.2020,  https://www.youtube.com/watch?v=ij2OtweyuN8&t=8510s

Наставничката настапи на ТВ со користење на електронска табла и добра дикција, и најави дека она што ќе го презентира го нема во учебникот – но тоа е само формата.

Суштината е  – се што е кажано во презентацијата за паралелограмите во временскиот интервал од 3 минути од 2:02 – 2:05 од времетраењето на снимката внесува забуна меѓу учениците.

Доволно беше да се задржи на јасно и прецизно дефинираните поими квадрат, правоаголник и ромб, од страна 48 на учебникот за 6 одделение.

Таа воведе и поим ромбоид за кој кажа две контрадикторни тврдења:

„ромбоидот нема прави агли”, а малку подоцна

„ако ромбоидот има прави агли тогаш е правоаголник”.

Наместо учениците да се здобијат со проширени знаења, тие се доведени во забуна.

Учебник е нешто што има поминато низ повеќе контроли и супервизии. Ако таму е избегнат поимот ромбоид, сигурно има причина за тоа. Може да сметате дека нешто во програмата и учебникот може да се подобри, но сега сигурно не е момент за тоа.

Сигурно може да бидат вклучени некои додатни теми  кои ќе помогнат за подобар успех на ПИСА тестирањата –  наречени алатки за 21 век од организаторите. За ова е потребен период од барем 2 години, а за резултати веднаш може и да се организираат обуки за овие додатни теми од ПИСА тестирањата.

Во наставата во вонредни услови се користат средства за двонасочна комуникација, најчесто за поставување на домашни задачи и нивно решавање.

За предавањата на факултет преку интернет, јас лично ја користам платформата Zoom. Од скоро УКИМ ја сугерира платформата MicrosoftTeams која е дел од новиот Office 365, и која е овозможена на повеќе факултети и сега ќе се префрлам на неа.

Испитите, сепак, ќе ги оставиме за јуни, јули или август.

 

Никита Шекутковски

Професор на УКИМ

Коронавирус