четврток, 20. јануари 2022. Вести денес: 22
home Вести

Анализа на Каракамишева-Јовановска: Изборите во 2020 година ќе останат запаметени како историски во негативна смисла

Во однос на рекордната злоупотреба на системот од страна на власта проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска посебно би ги издвоила злоупотребите направени за време на четирите прогласени вонредни состојби од претседателот на Републиката и донесените спорни и коруптивни уредби со законска сила со кои владата го засили предизборниот, а подоцна и изборниот поткуп на голем број граѓани таргетирани како целни групи од страна на власта. „Преку заобиколување на законите со уредби и преку злоупотреба на вонредната состојба власта ја направи најголемата системска корупција што некогаш е видена во Македонија за време на избори. Ако на ова се надополнат и евидентираните поткупи давани од куќа на куќа, од семејство на семејство, тогаш дефинитивно овие избори можеме да ги наречеме владин корупциски изборен масакр,“ оценува професорката од Правниот факултет во Скопје во анализата за Курир.
Анализа на Каракамишева-Јовановска: Изборите во 2020 година ќе останат запаметени како историски во негативна смисла

Предвремените парламентарни избори во 2020 година ќе останат запаметени како историски во негативна смисла од две причини: првата е рекордната злоупотреба на системот и државата од страна на власта преку евидентната корупција што власта ја спроведе предизборно и изборно на терен и втората поради евидентираните предизборни и изборни нерегуларности што институциите на системот ги толерираат во интерес на власта, вели во анализата за Курир проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска.

Во однос на рекордната злоупотреба на системот од страна на власта таа посебно би ги издвоила злоупотребите направени за време на четирите прогласени вонредни состојби од претседателот на Републиката и донесените спорни и коруптивни уредби со законска сила со кои владата го засили предизборниот, а подоцна и изборниот поткуп на голем број граѓани таргетирани како целни групи од страна на власта.

„Да не ја заборавиме најкоруптивната уредба за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање домашна платежна картичка наменета за купување домашни производи и услуги за време на вонредна состојба. Со оваа уредба, Владата изврши директна дискриминација, како потежок облик на дискриминација, на граѓаните кои не се корисници на финансиската поддршка од буџетски средства, односно ги стави во привилегирана положба неколку групи граѓани како корисници на буџетски средства предвидени во владината програма наспроти сите останати граѓани кои не се корисници на финансиската помош без претходно утврдена методологија и критериуми за доделување финансиска помош.  Никој не смее да биде дискриминиран од страна на јавен орган по која било основа наведена во став 1 (член 1, Протокол 12 од ЕКЧП) што се смета за повреда на Конвенцијата, иако може да не е повредено ниту едно друго право од Конвенцијата“, посочува универзитетската професорка за Курир.

И Европскиот суд за човекови права е јасен во делот на забраната од дискриминација и вели дека ниту една „карактеристика, обележје, статус не смее да биде основа за разликување на лицата или групите на лица едни од други“, објаснува професорката по Уставно право, и потенцира дека според Судот, основата за дискриминација може да биде карактеристика или статус на еден поединец/група што ги става поединците/групата во попривилегирана положба, различен третман или уживање на одредени бенефиции кои другите луѓе ги немаат.

„Во случајот со уредбата, финансиската поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и дел од здравствените работници претставува основа за дискриминација што се темели на недозволен различен третман на Владата кон граѓаните, по основ на општествен и имотен статус, возраст, положба во општеството, припадност на група.

Во нашиот случај, и покрај фактот што КОВИД-19 претставува општо загрозувачка пандемија од која никој не е поштеден, а во случајот со справување на негативните последици од неа директно се справуваат и други категории вработени лица, како,  припадниците на полицијата, Армијата, вработените во центарот за справување со кризи, вработените во аптеките, маркетите, локалните власти итн., Владата со уредбата направи поделба на привилегирани граѓани кои ги стави под финансиска заштита, и сите други, непривилегирани граѓани, кои не ги опфати со мерките од Уредбата без никаква претходно утврдена методологија и прецизни критериуми зошто токму овие категории граѓани се опфатени со мерките, а не и пензионерите како лица со низок доход, не и матичните доктори кои исто така беа во првата “борбена“ линија, зошто не се опфатени припадниците на полицијата врз чиј грб падна регулирањето на јавниот ред во услови на полициски час, зошто не се опфатени и припадниците на Армијата кои исто така беа вклучени во борбата против пандемијата, и слично. Од овие причини, Владата со оспорената Уредба ја повреди еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, ги стави во дискриминирана положба мнозинството граѓани.

Со арбитрерна уредба, врз основа на арбитрерни критериуми Владата подреди и привилегира граѓани кои земаа финансиска помош од буџетски средства, наспроти мнозинството граѓани кои ги дискриминира и ги остави без финансиска поддршка иако и тие граѓани имаат право на поддршка и финансиска помош во време на пандемија“, посочува Каракамишева-Јовановска.

Владата направи дискриминација не само по основ на статус, положба, возраст и професија, туку и интерна дискриминација во рамките на лица со ист или сличен имотен статус, иста или слична возраст, иста или слична професија, потенцира универзитетската професорка, која укажува и дека, за жал, сево ова Уставниот суд не го виде и не ја поништи оваа дискриминаторна уредба, а на овие избори корупцијата беше подигната на највисоко ниво и поради планското заобиколување на законите, посебно на чл.8-а од Изборниот законик и на чл. 34 од Законот за спречување корупција со помош на спорни уредби со законска сила со што власта директно ја стимулираше корупцијата, предизборните вработувања кои инаку се забранети во законот, вонредните исплати на буџетски средства за време на избори и слично.

„Преку заобиколување на законите со уредби и преку злоупотреба на вонредната состојба власта ја направи најголемата системска корупција што некогаш е видена во Македонија за време на избори. Ако на ова се надополнат и евидентираните поткупи давани од куќа на куќа, од семејство на семејство, тогаш дефинитивно овие избори можеме да ги наречеме владин корупциски изборен масакр.

Ако на целава оваа слика се надодаде системската импотентност, неактивност, незаинтересираноста на институциите што треба да го санкционираат ваквото поведение на власта, ако ДКСК го преспа целиот предизборен и изборен период, ако Јавното обвинителство не презеде ништо во врска со докажаниот изборен криминал, ако смислената акција на СДС за измама на гласачите преку фејсбук инструкциите за чкртање на Северна на гласачкото ливче со цел прогласување многу неважечки ливчиња во полза на власта остана само на повикување во полициска станица на инспираторите без никакви други кривични последици, ако Уставниот суд ги поништи само уредбите што се однесуваа на нивните плати, а не и проблематичните уредби поврзани со изборниот процес и онаа за финансиска поддршка на дел од граѓаните, тогаш може да се дојде до мошне негативен заклучок во врска со целиот изборен процес,“ оценува професорката од Правниот факултет во Скопје во анализата за Курир.

„Во однос на изборните нерегуларности посебно би го издвоила „хакерскиот“ напад или смислениот упад во страната на ДИК токму во време кога се внесуваа гласовите на сите гласачи. Овој смислен упад е најверојатно нарачка за да се направи контролирана разлика меѓу СДС и ВМРО-ДПМНЕ што треба да внесе дополнителна политичка неизвесност по изборите. Скандалозно беше однесувањето на членовите на ДИК кои одбија да ги пребројат уште еднаш сите ливчиња, од сите избирачки места поради евидентираната разлика и несовпаѓање меѓу бројот на гласачи кои гласале и бројот на важечки, неважечки, неупотребени и гласачки ливчиња дадени за партиските листи. На почетокот оваа разлика беше 2013 ливчиња кои недостасуваа во евиденцијата што само по себе е огромен скандал на ДИК, а за кој Комисијата се однесуваше прилично комотно и ноншалантно. Ако на ова се надоврзат и „бугарските возови“ кои според одредени проценки согласно процентот на ливчиња што недостасуваа во евиденцијата можат да бидат злоупотребени околу 80.000-100.000 гласа што не беше доволна причина ДИК да го отвори целиот изборен материјал и повторно да ги преброи сите ливчиња упатува на уште еден заклучок дека во Македонија се одржаа нерегуларни избори. Според чл. 151 од Изборниот законик, ДИК треба по службена должност да го поништи гласањето на секое гласачко место во кое бројот на гласачките ливчиња во гласачката кутија е поголем од бројот на избирачите што гласале ако тоа влијае врз вкупните резултати. ДИК не го стори тоа ниту по службена должност, ниту по основ на поднесени приговори“, посочува Каракамишева-Јовановска.

Според универзитетската професорка, останува да видиме што ќе се случи во Управниот суд, дали Судот ќе ги изведе овие докази и дали ќе се впушти во пребројување на гласачките ливчиња или и Судот ќе делува формалистички и ќе го затвори изборниот процес и покрај сите наведени нерегуларности.

Коронавирус