сабота, 18. септември 2021. Вести денес: 0
home Вести

Анализа: Инспекцискиот систем на дното во регионот, за ЕУ може да сонуваме

Анализа: Инспекцискиот систем на дното во регионот, за ЕУ може да сонуваме

Дали воопошто некој нешто превзема за обезбедување еднакви услови за водење на бизнис и сузбивање на нелојалната конкуренција преку постоење на ефикасен, непристрасен инспекциски систем? Дали досега некој слушнал дека се споменуваат инспекциските служби и реформа на системот? Колку и да звучи претенциозно, реалноста е сосема спротивна, ние со забрзано темпо назадуваме, без реформи, без концепт без идеја.

Со реформите на Инспекцискиот систем започнати во 2014 година, се поставија основните столбови на кои се темелеше реформата на инспекцискиот систем, воведување на инспекциска статистика како основа за планирање на надзорите според ризик, намалување на влијанието на министерствата во работењето на инспекциските служби и градење на нивната самостојност, формирање на Инспекцискиот совет како координативен орган кој ќе се грижи за унапредување, координација на инспекциските служби, издавање на лиценци за инспектор но и надлежен за водење дисциплински постапки против инспектори и давање иницијативи за разрешување на директори на инспекциски служби.

Ефектите од неработењето и безидејноста се видливи во дел од измените во ново донесениот ЗИН (Закон за Инспекциски надзор) во 2019 година кои се во насока на уназадување и рушење на основните столбови, така што од лидери во реформите во 2014 година сега сме на самото дно во регионот.
Една од алатките за борба со корупцијата во инспекциските служби беше можноста за водење на дисциплинска постапка против инспектор беше дадена на Инспекцискиот совет како независно и стручно тело. Кога веќе беа детектирани одредени недостатоци во функционирањето на оваа постапка и истата бараше лидерство и институционален капацитет да се заокружи со што реформите ќе беа реализирани во вистинска насока. Наместо доуредување на постапката и зајакнување на улогата на ИС со новиот ЗИН од 2019 година се носи катастрофална измена за укинување на надлежноста на ИС (Инспекцискиот совет) за водење на дисциплинска постапка и истата преминува единствено во надлежност на директорот на инспекциската служба (Член 18) и истата ќе се спроведува според Законот за административни службеници. Ова практично значи дека се зајакнува улогата на директорите кои се избрани по партиски критериум од редовите на коалициони партнери на владејачкото мнозинство кои ниту имаат резултати од работењето и сузбивањето на корупцијата, што е евидентирано во многу анализи на инспекцискиот систем.

Но за да штетата биде поголема многу од позитивните одредби во ЗИН беа предмет на измена, без концепт и со сериозни последици по унапредувањето на инспекцискиот систем

Улогата на ИС да дава согласност на актите на инспекциските служби за внатрешна организација и систематизација исто така се укинува со новиот ЗИН (Член 18), односно советот сега само може да дава насоки. Ова овластување беше клучно при спречување на злоупотреба на актите од страна на директорите за креирање на работни места заради непродуктивни и партиски вработувања.

Се укинува надлежноста на Инспекцискиот совет да дава мислење на предлог годишниот буџет на инспекциската служба. Оваа одредба претставува контролен механизам на нерационално планирање и искористување на ресурсите од страна на директорите на инспекциските служби што сега се укинува.

Се укинува основот за поведување на предлог за дисциплинска постапка при неетичко постапување со прекршување на Кодексот на однесување на инспекторот, кое досега постоеше.

Се укинува одредбата за поведување постапка за одземање на лиценца на инспектор , и намалување на платата, доколку во годишната отценка инспекторот е оценет најниско (не задоволува) (Член 60), Тоа е во целосна спротивност со концептот на отчетност и компетентност на работата на инспекторите

Се укинува важноста на лиценцата на инспектор од 6 години после кој период инспекторот е должен да положи испит и се провери неговата стручност и компетентност. Наспроти тоа се воведува лиценца за инспектор со трајна важност. (Член 44, став 3)

Се воведува нова одредба дека редовен инспекциски надзор од иста служба не може да се врши повеќе од еднаш годишно кај ист субјект на надзор. (Член 69, став 7). Оваа одредба им дава за право на субјектите да ги планираат незаконските дејства. Некои субјекти кои често го прекршуваат законот, треба почесто да бидат предмет на инспекциски надзор, наспроти оваа одредба која е контрадикторна со целта на надзорот.

Се воведува ново финансиско оптоварување на субјектите на надзор со воведување на наплата за патните трошоци за инспекторот/ите кои вршат надзор, доколку при надзорот е изречена инспекциска мерка. (Член 78). Овој трошок не е предвиден ниту има критериум за одредување на висината на патните трошоци. Наспроти тоа инспекциските служби предвидуваат буџет за таа намена. Некои инспекциски служби се лоцирани само во Скопје и при посета на оддалечени локации овој трошок може да биде значителен.

Воопшто не земено во предвид барањето на бизнис заедницата за спроведување на нспекциски надзор на адреса на живеалиште на домашни адреси, кога за истото има основи дека се постапува незаконски и адресата се злоупотребува заради вршење непријавена работа. Овој случај е причина за целосна неспроведливост на Законот за спречување на непријавена работа и непријавена дејност. Ваквиот случај е типичен во туризмот при непријавено издавање на легла на домашни адреси и сл. (Член 79, став1)

Претходните примери укажуваат дека намерата со тие измени е да се намали влијанието на мерките за зголемување на отчетноста и одговорноста преку следење на работата на инспекторот кои се во спротивност на основните столбови за функционирање на инспекцискиот систем
Со евидентната безидејност, без концепт и адресирање на клучните слабости и ризици за функционирање на инспекциските служби и спроведување на нормативни решенија за нивно надминување овој закон не придонесува кон надминување на клучните слабости, туку напротив ги засилува негативните ефекти наспроти претходните решенија од истиот Закон за инспекциски надзор. Со оглед на фактот што инспекциските служби тонат во корупција раководени од директори кои полагаат сметка пред партијата наместо кон спроведување на владеење на правото, се засилува принципот на неказнивост, тенденциозност и клиентелизам.

Ништо не беше преземено во начинот на селекција на субјекти на надзор и избор на инспектори да се управува преку софтверски систем кој ќе ги доделува надзорите и ќе ги селектира инспекторите без дискретно влијание на директорите, а изборот на субјектите предмет на инспекциски надзор ќе се селектираат преку принципот на надзори според ризик. Сето претходно наведено беше дел од концептот за реформите со претходното законско решение што во новиот ЗИН комплетно се напушта.

Концептот за планирање на инспекциски надзор според ризик воопшто не е спроведлив во новиот ЗИН. Без интерконекција помеѓу бази на податоци кои државните институции и инспекторатите ги поседуваат за субјектите на надзор во однос на изречени мерки, податоци од финансиски извештаи, други релевантни информации кои ќе се земат во предвид при планирање на надзорите од страна на инспекциските служби за да може надзорите да се насочат кон оние субјекти кои често имаат прекршувања на законите, воопшто не може да се спроведе. Реалноста од расположливите податоци е дека инспекциските надзори кај најголемите инспекторати се без најдени неправилности на околу 35% од надзорите, додека на Пример во Австрија таа бројка е околу 6%.

Овие состојби исто така се рефлектираат и во општата перцепција за инспекцискиот надзор кој не ја извршува улогата на обезбедување на еднакви можности и услови за водење на бизнис, сузбивање на сивата економија и градење на доверба во институциите што не става на дното на регионот а за ЕУ можеме само да сонуваме.

Александар Брезовски

Коронавирус