сабота, 15. август 2020. Вести денес: 6
home Вести

Ана Камчева дојде во судот да сведочи за „Рекет“

Ана Камчева дојде во судот да сведочи за „Рекет“

Ана Камчева, сопругата на Јордан Камчев дојде во Кривичниот суд за да сведочи на рочиштето за предметот „Рекет“ во кој се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13.

На последното рочиште, што се одржа на 6-ти декември, сведочеше Јордан Камчев, кој рече дека во повеќе наврати обвинетиот Боки 13 пробал да го уценува со, според него, наместен предмет „Империја“ покренат од Специјалното јавно обвинителство, кој имал цел на нелегален начин да се стекне со поголема сума пари.

Од Јовановски, сведокот добил понуда за пи-ар реклама, Камчев му понудил 50.000 евра на што Боки 13 се навредил за висината на сумата.

Во својот исказ Камчев рече дека потоа Боки 13, заедно со третообвинетиот во „Рекет“, Зоран Милевски-Кичеец, кој ја призна вината и беше осуден на три години затвор, му понудил бизнис за отворање фешн молови, а по одбивањето на тој проект, добил друга понуда за изградба на старечки домови за што првообвинетиот му побарал четири милиони евра.

-Во меѓувреме платив 180.000 евра за реклама на неговата телевизија. Потоа ми пушти слика со обвинителката Јанева, по што ми кажа дека се спрема нешто големо против мене, изјави Камчев и додаде дека „Рекет“ е конструиран од Боки 13 и уште неколку луѓе.

Сведокот рече дека и обвинителката Лиле Стефанова преку нејзиниот пријател Ванчо Чифлиганец барал средства за ќерката на Лиле за ординација во зградата на „Адора“.

Камчев потоа бил приведен и понудил гаранција за домашен притвор, а во првите денови во фирмите имал и инспекции во сите компании. Ова, рече тој, беше смислен притисок од Боки 13, преку Стефанова и Јанева.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец беше осуден на три години затвор откако призна вина за случајот и предметот за него беше одвоен од оној против Јовановски и Јанева. Милески има право на жалба до Апелацискиот суд само во делот на висината на казната.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Јовановски, Јанева и Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Во рамките на случајот „Рекет“, Обвинителството отвори нова истрага, која се однесува на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски-Боки 13. Истрагата за „Рекет“ е проширена, односно е донесена наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама“ и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Коронавирус