петок, 24. септември 2021. Вести денес: 134
home Вести

„Алкалоид“ посветени кон постојан раст и развој на компанијата, производите пласирани на над 40 пазари

„Алкалоид“ посветени кон постојан раст и развој на компанијата, производите пласирани на над 40 пазари

Заменикот на претседателот на Владата Фатмир Битиќи, реализираше работна посета на компанијата Алкалоид Скопје, каде оствари средба со генералниот извршен директор и претседател на Управниот одбор, Живко Мукаетов, кој ги презентираше историјатот и развојните планови на компанијата и заеднички извршија обиколка на дел од производствените погони.

Вицепремиерот Битиќи го честиташе јубилејот – 85 години од постоењето на Алкалоид, при што посочи дека успехот на домашните компании, претставува успех за целата држава. Компаниите, со нивните производи се репрезенти на државата на меѓународните пазари и колку е поголем асортиманот на производи и нивниот квалитет, толку повеќе Република Северна Македонија станува препознатливо место за добра бизнис клима и конкурентна локација за реализација на нови инвестиции, на домашни и на странски компании.

Од Алкалоид информираа дека се посветени кон постојан раст и развој на компанијата, како на домашниот, така и на меѓународните пазари.

Инвестициите во нови производни линии не застанаа ниту во периодот на пандемијата, вложени се над 11 милиони евра во комплетирање на одделението „Пакување на цврсти форми“, со нови линии на површина од 7.000м², со кое ќе се овозможи зголемување на капацитетите за производство за околу 50%, односно од претхдниот капацитет од 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми.

Мукаетов посочи дека компанијата во моментов ги пласира своите производи на над 40 пазари, а во 2020 година е остварена добивка од околу 19 милиони евра, што е за околу 15% повеќе во однос на 2019 година, а воедно бројот на вработени во 2020 година е зголемен за 210 лица.

Алкалоид продолжи со својот развој и во 2021 година, пришто во првата половина од годината веќе се реализирани нови 58 вработувања и се бележи двоцифрен, во проценти, раст на добивката во однос на првата половина од 2020 година.

Коронавирус