недела, 16. декември 2018. Вести денес: 50
home Вести

Алаѓозовски не дава пари за Поетската ноќ во Велестово, како тргнал ќе ги укине и Струшките вечери на поезија

Алаѓозовски не дава пари за Поетската ноќ во Велестово, како тргнал ќе ги укине и Струшките вечери на поезија

Од состојбата во културата, поточно од средствата за 2018 година незадоволни се кумановските актери, потоа реагираше и една од скопските култни рок ликови Тоше Филиповски. Тој на својот Фејсбук профил го изрази незадоволството од тоа што министерството за култура не знае како да го сочува македонското културно рок наследство, незнаејќи да го цени капиталното дело Македонска рок енциклопедија (1960-2017), прв том.

Но, од министерството или министерот за култура Роберт Алаѓозовски страдаше и манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“.

Некои од уметниците своето незадоволство го искажаа само на социјалните мрежи, а реагираше и управниот одбор на манифестацијата. Тие бараат јавно образложение од министерството зошто една културна манифестација која е три децении стара е изоставена од програмата за поддршка.

Во реакцијата се вели „јубилејното 30–то издание на Поетската ноќ во Велестово не беше поддржано од Министерството за култура како дел од Годишната програма за 2018 година“.

-Навистина е големо разочарувањето што токму во пресрет на јубилејното издание, оваа манифестација потполно е изоставена од каква било поддршка од Министерството за култура. Со нетрпение го очекуваме образложението за една ваква одлука, која во многу нешта, не само што е изненадувачка, туку е и во потполна спротивност на она што од министертвото и од самиот министер досега беше најавувано како културна политика, при што децентрализацијата и деметрополизацијата беа истакнувани како едни од клучните стратешки цели и во Нацрт–стратегијата, која до скоро беше нашироко претставувана, се вели во реакцијата.

Тие реагираат бидејќи самиот министер Алаѓозовски рекол дека предност ќе имаат манифестациите со традиција и со уникатен концепт, а Поетската ноќ во Велестово е втората најстара книжевна манифестација во Македонија, веднаш по Струшките вечери на поезијата, која континуирано се одржува веќе 30 години.