сабота, 27. ноември 2021. Вести денес: 0
home Вести

Активни осум пожари, се појавуваат нови жаришта

Активни осум пожари, се појавуваат нови жаришта

Во земјава до синоќа беа активни осум шумски пожари, а останатите се делумно локализирани. Главниот штаб за управување со кризи при Центарот за управување со кризи преку системот НИКС, кој ги дигитализира сите податоци од терен, од вчера раководи со справувањето со шумските пожари.

– Преку овој систем имаме просторно прикажување на ситуацијата на терен односно, членовите на Главниот штаб на едно место на екран ги гледаат сите податоци, гледаат на кои места имаме активен пожар, гледаат каков е неговиот интензитет, гледаат каде има изгаснат пожар, за којшто постои можност повторно да се реактивира. Сите податоци од терен ги имаме на едно место, тоа помага на Главниот штаб да носи квалитетни одлуки, да врши подобра координација на силите на терен, рече вчера директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

Тој истакна и дека сите села во чија близина беснеат пожари се обезбедени, местата се изорани и направена е тампон зона преку која пожарот не може да премине. На линијата се поставени цистерни доколку пожарот премине од другата страна на тампон зоната да можат да дејствуваат и да не биде загрозено селото.

Во насока на полесно справување со пожарите, на барање на Дирекцијата за заштита и спасување, Владата на вчерашната седница донесе одлука за ослободување од плаќање на надоместок за услуги за прелети и за терминални услуги во македонскиот воздушен простор на летовите на воените и полициските воздухоплови на Србија, Црна Гора и Романија.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути вчера истакна дека механизмот на ЕУ за цивилна заштита е активен уште од самиот почеток на пожарите.

– Со помошта од Австрија, Словенија и Бугарија и воздухопловот од Романија досега држиме се под контрола, изјави Максути, кој заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир вчера го посети кампот на австриските пожарникари во Пехчевско.

Евроамбасадорот Гир се заблагодари за посветеноста на европските држави за справувањето со пожарите во Малешевијата.

– Длабоко сум импресиониран од посветеноста на различните тимови од Австрија, Словенија и Бугарија, но и од посветеноста на локалната заедница кои мошне јасно не информира за ситуацијата. Овде сме и да се заблагодариме за контрибуцијата меѓу европските земји, изјави Гир.

Нов тим од девет пожарникари од Смолјан, Бугарија со три противпожарни возила дојде во Пехчево да ги замени првите четири тима бугарски пожарникари со противпожарна опрема од овој град под Родопите, кои од 4 август ги гасеа пожарите во реонот на Делчево и Пехчево.

Досега полицијата уапси 14 лица осомничени за предизвикување шумски пожари на повеќе локации во земјава, а во активностите за гасење и превенирање на пожарите во изминатото деноноќие биле ангажирани 644 полицајци. Биле реализирани и 222 мото патроли, при што се користени 205 возила.

Авионот на Романското воено воздухопловство вчера во два налети дејствуваше на пожарот во Општина Прилеп кај селата Топлица, Ракле и Никодин кој е делумно локализиран, но на одредени места се уште има чадење. Пожарот,пак, во делчевскиот регион во село Разловци и село Нов Истевник е ставен под контрола, но има мало чадење во местото викано Грбовец. Пожарот во Пехчево во село Будинарци се уште е активен, иако во текот на вчерашниот ден изгледаше дека е локализиран, но се појавија нови жаришта.

Активен пожар има и во Општина Сарај близу селата Раовиќ и Буковиќ, како и во Општина Петровец кај селото Дивје на месноста викана Крушје, кој беше ставен под контрола, но повторно се прошири. Повторно е активен и пожарот во Општина Чашка, кај село Владиовци, кој вчера беше локализиран во утринските часови, меѓутоа во 13:30 часот повторно се активираше.

Вчера попладне избувна пожар и во селото Герман во Општина Ранковце, но делумно е ставен под контрола. Под контрола е и пожарот во штипските села Драгоево и Селце, иако на одредени места има појава на чадење. Вчера попладне се појавија пожари и во велешките села Којница, Крајница и Извор каде гори нискостеблеста мешана шума, како и во кочанско Костин Дол, но тие се држат под контрола и нема опасност да се прошират.

Коронавирус