недела, 22. мај 2022. Вести денес: 59
home Вести

Активни 20.250 случаи на заразени со коронавирус, ризикот од омикрон останува многу висок

Активни 20.250 случаи на заразени со коронавирус, ризикот од омикрон останува многу висок

Во текот на изминатите денови се бележат се поголем број на заразени лица со Ковид-19, што се должи на брзото ширење на новиот сој омикрон. Во моментов во земјава се активни 20.250 случаи на заразени лица, а според податоците на Светската здравствена организација во светот се дијагностицирани над 340 милиони заболени. Од СЗО предупредуваат дека ризикот од омикрон останува многу висок.

Од почетокот на епидемијата досега во земјата се направени вкупно 1.741.085 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 254.857, бројот на оздравени пациенти е 226.409, на починати е 8.198, а бројот на активни случаи изнесува 20.250.

– Бројот на потврдени случаи на инфекција со коронавирус во светот надмина 340 милиони луѓе, соопшти вчера Светската здравствена организација. Според информациите од завчера Светската здравствена организација добила податоци за вкупно 340.543.962 заразени и 5.570.163 починати.

Најголем број заразени со Ковид-19 е регистриран на 20 јануари, кога во рок од 24 часа се идентификувани 3.933.319 случаи. Најголем број потврдени случаи има во САД – речиси 68,2 милиони. Следува Индија со 38,6 милиони случаи, потоа Бразил (23,4 милиони), Британија (15,6 милиони) и Франција (15,2 милиони). Најголем број починати од Ковид-19 има во САД (852.334 лица), потоа Бразил, Индија, Русија и Мексико.

Светската здравствена организација (СЗО) вчера издаде соопштение за омикрон, во кое се наведува дека ризикот поврзан со оваа варијанта останува „многу висок“.

– Врз основа на достапните докази, ризикот поврзан со омикрон останува висок. Омикрон се шири многу побрзо од делтата, што доведува до големо ширење во заедницата, а со тоа и поголема инциденца, отколку што сме виделе во пандемијата претходно, соопшти СЗО.

СЗО додава дека, и покрај тоа што е помала веројатноста од сериозен тек на болеста отколку кај претходните видови, омикрон е многу заразен што резултира со зголемени хоспитализации и продолжување на притисокот врз здравствениот систем во многу земји, што може да доведе до значителна смртност, особено кај луѓето со чувствително здравје.

– Во многу земји се пријавени многу хоспитализации и приеми на интензивна нега, бидејќи ова се нивоа на инфекција што не ги видовме за време на пандемијата. Потребни се повеќе податоци за да ја сфатиме јачината на сојот, според количината на потрошениот кислород, употребата на респиратори и бројот на смртни случаи од омикрон, се додава во соопштението.

Во земјава вчера беа регистрирани 1.913 нови случаи на Ковид-19. Од МЗ посочија дека од вкупниот број на позитивни регистрирани се 243 реинфекции. Вчера се регистрирани сe 1.353 оздравени пациенти, како и 16 починати.

Коронавирус