четврток, 21. јануари 2021. Вести денес: 42
home Вести

„Ако украдете ќебапи од кафеана ќе добиете 3 години затвор, а доколку украдете 60 милиони евра станувате жртва и продолжувате да живеете слободно“

„Ако украдете ќебапи од кафеана ќе добиете 3 години затвор, а доколку украдете 60 милиони евра станувате жртва и продолжувате да живеете слободно“

Ако украдете ќебапи од кафеана и ако го признаете делото, ќе бидете осудени на три години затвор. Ако украдете 60 милиони евра, пари на ваши сограѓани и фирми кои ги довериле во вашата банка, тогаш вие станувате жртва и продолжувате да живеете слободно и да уживате со нивните пари, се вели во соопштението на оштетените штедачи на Еуростандард банка.

За жал, вака од прилика се случувањата во нашиот правен систем. И после четири месеци од затворањето на Еуростандард банка, на толку видливи, достапни и лесно проверливи докази, никој сеуште не знае што се случило или каде завршиле парите, кој ги украл ниту пак дали некој ќе одговара за криминалот. Очигледно, системот функционира и ве казнува ако направите ситен криминал, а ве ослободува и ви простува ако украдете десетици милиони евра. Неказнивоста за тешки кривични дела и масовен криминал стана главна одлика на нашиот правен систем во државава.

По затворањето на Еуростандард банка во август оваа година, судот го одреди стечајниот управник Душко Тодевски, кој на основа на фактичката состојба и документите во банката, подготви извештај за економско-финансиската состојба на банката на денот на затворање. Еве што е констатирано во неговиот извештај којшто недвосмислено и јасно ги лоцира и објаснува главните основи на криминалот што се случувал во банката со години сумирано во три точки:

1) Банката преземала голем кредитен ризик кај клиентите кај кои одобрила изложеност покриена единствено со меница или пак вредноста на обезбедувањето била пониска од изложеноста на клиентот. Воедно, банката одобрувала изложености иако истите не ги исполнувале критериумите за одобрување дефинирани во Кредитната политика.

2) Се делеле многу ненаплатливи и тешко наплатливи кредити, а пред се поради лошо управување со кредитното портфолио поради непостоење или целосно занемарување на системите за управување со кредитниот ризик, некомпетентност на одговорните лица односно извлекување на пари од банката преку доделување и одобрување на кредити без соодветни гаранции.

3) Констатирана е пракса на масовно одобрување на кредити за измирување на достасани обврски во банката и непрепознавање на ризикот кај поврзани лица.

Заклучокот во извештајот е дека банката станала несолвентна од причини што речиси 60% од вкупното кредитно портфолио кај правните и физички лица или неполни 60 милиони евра биле целосно или делумно ненаплатливи.

Главниот сопственик Трифун Костовски не е толку наивен како што често се претставува, да незнае како го организирале и спровеле грабежот во банката со години како и да не знае каде се завршиле парите. При кражба на толку многу пари не е можно да првиот човек на надзорниот одбор на банката не знаел ниту видел а да одобрувал ненаплатливи кредити. Се разбира, дообјаснување може да побара од тимот кој учествувал во криминалот заедно со него односно неговиот син и раководител на кредитниот одбор Коста Костовски и директорот на банката Николче Петкоски. И тие можат да му раскажат за масовниот и свесно направен криминал, грабежот на нашите доверени лични пари во банката. Трифун Костовски не е жртва на криминалот, тој е неговиот главен носител. Тоа и впрочем самостојно и јавно го потврди во повеќе наврати, дека е виновен и одговорен за сторениот криминал и притоа посочувајќи повеќе примери како го правеле криминалот во банката.

Дали надлежните институции во државава ќе се одважат веднаш да делуваат и да преземат сериозни чекори за санкционирање на овој масовен криминал, почнувајќи од главните организатори односно раководните луѓе во банката? Доказите за криминалот се веќе одамна во нивни раце. Тие се јасни и недвосмислени. Во тие документи се гледа кој се одобрувал ненаплатливи кредити, кој ги делел истите, со кого се ги делел, кој го дозволил криминалот, кој перел пари, фалсификувал документи или вршел разни други видови на измами, злоупотреби и проневери.

Вистината мора да се дознае и правдата да се задоволи. Дали Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, финансиската полиција и нашиот судски систем ќе дозволат да овој масовен грабеж на обичните граѓани и фирми помине неказниво и остане во заборав на времето додека криминалците продолжат да уживаат со нашите покрадени пари!? Ќе покажете ли дека има правда во државава или ќе оставите да делата застарат, криминалците да бидат на слобода а сите ние 3.000 семејства останеме покрадени, измамени и оштетени од системот којшто не само што не не заштитил на време туку и дозволил криминалците да не уништат во сред пандемија!? Време е веќе да делувате веднаш!, велат во соопштението од иницјативниот одбор на оштетените штедачи на Еуростандард банка.

Коронавирус