недела, 11. април 2021. Вести денес: 0
home Вести

Ако не овој март, следниот декември ќе стигнат вакцините во Македонија

Ако не овој март, следниот декември ќе стигнат вакцините во Македонија

Долго најавуаните вакцини против коронавирусот во Македонија станаа историски. Филипче и Заев најавуваа дека вакцини ќе добиеме кон крајот на декември минатата година, па почетокот на јануари, потоа чекавме да помине кинеската Нова година, во моментов чекаме да помине Денот на жена 8-ми март…

Најново од премиерот, е дека во наредните два месеци ќе сме примеле поголема пратка на вакцини, ама не кажа колку голема е пратката. Дали транспортот на таа голема пратка ќе се врши со авион или пак ќе се врши со Ауди А3, останува да видиме.

Израел е на прагот да го вакцинира целото население, Србија дели донации, ЕУ воведува Ковид-пасоши, а Македонија прави весели математики. 200.000 од Кина, 100.000 од Русија, 800.000 од Ковакс-системот, па 5.000.000 од Астра Зенека… математики колку сакаш, вакцини нема ни за лек.

Работите да бидат уште потрагични, пред неколку дена Кина ни го врати авансот за нарачаните вакцини, а како оправдување од владата добивме дека можеле и да не ни кажат дека е вратен. Ова го кажа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и не доби никакви санкции од нејзиниот шеф, Зоран Заев.

Многуте гафови и лажење од власта, го запали алармот, па вчера Заев од нигде никаде побара гласање за доверба на Влада. Мора да признаеме одличен ПР-потег. Ама мора да признаеме дека и поради неспособност Македонија нема вакцини, бројот на заболени расте, народот живее во паника, за себе и за животот на своите блиски, а ни ветуваа „Живот за сите“.

Ако до декември минатата година, Венко Филипче го креваше рејтингот на СДСМ, од декември наваму истиот тој Филипче го руши.

Ако вчера добивте доверба од 62 пратеници, не значи дека добро си ја вршите работата, знаеме како сте ја добиле истата. Суштината на целава оваа ситуација е кога ќе престанеме политички да се препукуваме кој колкава поддрша има, а ќе почнеме да градиме држава како што ни доликува.

Со вакви политики и политички кошкања, младите нема да се вратат во Македонија, напротив поголем број ќе се иселат, платите нема да се зголемат, работа ќе има се помалку, а животот ќе ни биде се потежок.

Покажувањето мускули не е начин на кој се гради држава. Ширум светот има многу примери како земји од безизлезна ситуација денес се земји од кои светот учи.

Целокупното обединување на народот кој живее во оваа земја е почетната точка, а понатаму ВИЕ СИ ЗНАЕТЕ.

Коронавирус