понеделник, 21. септември 2020. Вести денес: 102
home Вести

Ахмети сведочел пред хашките истражители како основач на ОВК за периодот 1998-2000

Ахмети сведочел пред хашките истражители како основач на ОВК за периодот 1998-2000

Лидерот на ДУИ Али Ахмети бил повикан од Специјалното обвинителство за Косово во својство на сведок како еден од основачите на ОВК за перидот 1998 – 2000 година. Првиот вицепремиер Артан Груби тврди дека испрашувањето на Ахмети од хашките истражители е поврзано со активности на Ксово, а не и во Македонија.

-Поканата дојде преку нашето обвинителство, на поканата пишува во кое својство е поканет – во својство на сведок за неговата улога како основач на ОВК и како еден од коосновачите на народното движење на Косово за периодот од 1998 до 2000 година. Само во овој период и за тие активности. Во целото испрашување нема прашувано за какви било други активности во Македонија или во било која друга земја. Се однесува во својство на сведок само за околностите во Косово 98/00 и толкав е и мандатот на специјалното обвинителство на Косово, изјави Груби за ТВ Сител.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети на 2 и 3 септември беше на распит пред истражителите на Меѓународниот суд за Косово со седиште во Хаг. По дводневното испрашување во канцелариите на ЕУЛЕКС во Приштина, Ахмети изјави дека бил интервјуиран во својство на сведок, но дека не може да даде информација до завршување на процесите пред меѓународниот трибунал.

-До завршувањето на овој процес не можам да споделам никаква информација со јавноста, затоа што така е предвидено со закон. Кога ќе добие епилог процесот, тогаш ќе можеме да говориме, тогаш тоа ни го дозволува и законот, изјави кратко лидерот на ДУИ. (МИА)

Коронавирус